СЕ ЛУКСУЗИРА ЛИ ФИНАНСИСКИОТ ДИРЕКТОР НА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ – ТРАНСПОРТ? ВЕЛИ ДЕКА НЕ Е ВИСТИНА ДЕКА ГО ,,ЗАРОБИЛ“ СЛУЖБЕНОТО ВОЗИЛО, АМА НЕ КАЖУВА КАДЕ Е

0
2692

Шенур Османи ги отфрла обвинувањата дека го злоупотребува службениот автомобил за приватни цели. Но, засега одбива да каже каде е возилото. „Сега сум на одмор во Турција, роамингот е скап, ќе ви одговорам в понеделник“, изјави тој кусо за ПЛусинфо. Додека вработените во Македонски железници – Транспорт секој месец добиваат половинки од платите и се чудат како да си ги подмират сметките и да си ги наполнат фрижидерите, некои директори во ова јавно претпријатие се однесуваат крајно неодговорно, возат службени возила за приватни цели, полнат гориво со службени пари.

Членови на раководството во МЖ – Транспорт за Плусинфо брифираат дека директорот за економски и финансиски работи, Шенур Османи, веќе извесно време користи слободни денови од годишниот одмор, а службениот автомобил го користи за сопствени потреби, иако компанијата кубури со возила. Ваквото однесување на Османи предизвикува револт кај вработените, кои ни се пожалија на поведението на директорот во компанијата којашто важи за еден од најголемите загубари во Македонија.

– Вработените почнуваат да се бунтуваат против финансискиот директор Шенур Османи. Службениот автомобил не го дава за жива глава, иако моментално е на одмор. Си го користи возилото за приватни потреби. Исто така, во истиот автомобил, според сметките, со службени пари полни и нафта и бензин, што е крајно нелогично – вели нашиот извор од МЖ – Транспорт. Денеска стапивме во контакт со директорот Османи и го запрашавме дали е точно дека го користи службеното возило за приватни цели додека е на одмор, но тој само кратко ни одговори дека сето тоа е лага.

– Ако толку многу ве интересира, слободно побарајте ме од понеделник, кога ќе се вратам во Македонија – ни рече Османи. Инаку претходно за спорните сметки на директорот Османи, дека со службени пари полни резервоари со дизел и бензин, објави и  Алфа ТВ. Според испратниците до кои дојде Алфа ТВ, директорот на 28.09.2020 година во 14 часот и 4 минути наполнил 42 литри дизел, за една минута подоцна, во 14 часот и 5 минути, во истото службено возило да наполни 55 литри бензин. За јавноста остана непознато како наполнил два резервоара различно моторно гориво во истото возило во рок од една минута разлика, што ги подгреа сомнежите дека Шенур полнел гориво платено со народни пари, во приватно возило, за лични потреби.