Семејството на починатата родилка во Санте Плус: Предистрагата трае година и пол, бебето има тешко оштетување на мозокот

0
989

Една и пол година по смртта на 31 годишната Дебора Ќерими Џамбази која почина при породување со царски рез во приватната болница Санте Плус, Основното јавно обвинителство се уште нема покренато обвинение за случајот. Семејството на младата кичевчанка бара надлежните да ја забрзаат постапката за да се најдат виновниците за смртта на младата жена, како и истрагата за нејзиното бебе со која ќе се утврдат причините за тешкото оштетување на мозокот.

Дебора почина на 18 јануари 2018 година поради неправилно поставен тубус при вовед во антестезија поради што дошло до задушување. Еден месец подоцна ОЈО отвори истрага за смртта на родилката, а шест месеци потоа на барање на семејството истрагата се прошири и на бебето кое има тешко оштетување на мозокот бидејќи останало подолго време без кислород во утробата на мајката.

Семејството е незадоволно и не го признаваат Извештајот од вештачењето за бебето од страна на Институтот за Судска медицина. Тие бараат тим од експерти во кои ќе бидат вклучени и невролози, педијатри, гинеколози да изготват детална експертиза за тоа како дошло до оштетувањето на мозокот и дали можело да се избегнат последиците по неговото здравје.

„Бараме да се забрза истрагата и што побргу да се најдат виновниците. За тоа е потребна и детална експертиза бидејќи Извештајот не одговара на прашањата дали можело да се избегнат последиците по новороденчето, кога е донесена одлуката да се извади од утробата на мајката и зошто тимот на гинеколози не го извадиле бебето веднаш, туку тоа го сториле дури после еден час“, изјави за НОВА, Неџмедин Ќерими, татко на почината Дебора.

Нејзината сестра Аделина Ќерими прашува зошто се чекало еден час после реанимацијата за да се извади новороденчето кога веќе се знаело дека сите витални функции на мајката откажале.

„Многу важен моментот е кога била донесена одлуката да се извади новороденчето бидејќи тоа ќе го даде одговорот дали последиците што ги има по здравјето можеле да се избегнат“, вели Аделина Ќерими, сестра на починатата Дебора.

Повеќе на НОВА на следниот линк ОВДЕ.