Селмани: Единствена вина на Божиновски е што имаше храброст да пишува за грдото лице на власта

0
1335

Додека целиот демократски свет го слави Денот на слободата на печатот, ние дојдовме пред затворот во Шуто Оризари затоа што неговата симболика најдобро зборува за нашата неслобода, рече претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ), Насер Селмани. Тој денешната прес-конференција ја одржа пред затворот во Шуто Оризари поради, како што рече, неоснованите обвиненија против новинарот Зоран Божиновски, кој беше екстрадиран од Србија и однесен во притвор, пренесува „Мета“.

– Единствена вина на Божиновски е што имаше храброст да пишува за грдото лице на власта, за нејзините лаги, криминал и неморал. Тие што Македонија ја претворија во големо уво, не можат да обвинат други за шпионирање. Амнестираните за криминал не можат да вперат прст кон други за наводно злосторничко здружување. Со кој образ оваа власт може да обвини новинар за уцена кога владеат единствено предку притисоци и уцени. Силно се солидаризираме со колегата Божиновски и сакаме да го увериме дека остануваме со него сè додека не биде ослободен – вели Селмани.

Тој истакна дека новинарите во Македонија се затвораат, се тепаат, заплашуваат, прислушуваат, етикетираат и се дискредитираат за да не говорат за злоупотребите на власта.

Според претедателот на ЗНМ, медиумите поради корупциските врски со власта станаа пропагандна машинерија за манипулација на граѓаните.

– Власта упорно одбива реформи во медиумите кои значително ќе ја подобрат состојбата со слободата за изразување. Мора да престане насилството врз новинарите, а насилниците најостро да се казнат. МРТ мора да биде сервис на граѓаните и медиумскиот регулатор мора да биде независен од политичките влијанија. Уставот на Македонија ја гарантира слободата на печатот, но власта не дозволува ова право да заживее. Јасно ѝ порачуваме на власта дека по ниедна цена нема да се откажеме од борбата за слобода на изразување – рече Селмани.

Извор: Мета