Села: Најважно во политиката е здравјето на граѓаните

0
865

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски изјави дека како политичка партија се согласуваат да се одложат изборите бидејќи најважно во дадената ситуација е здравјето на граѓаните.

– Најважниот елемент во политиката е здравјето на граѓаните. Без здравје не може да има безбедност. Ја поддржуваме идејата да се одложат изборите. Се договоривме со сите други претседатели на политичките партии дека изборите треба да се одложат. Од друга страна група на експерти треба да ги најдат правните модалитети за одложување на изборите и потоа да се договириме за друг датум за избори. За таа цел, по нашата средба, ќе следува средба со експерти кои ќе ги разгледаат правните модалитети како ќе дојдеме до одложување на изборите имајќи предвид дека Парламентот е самораспуштен, рече Села на излегување од вила „Водно“.

Апелираше до Владата и до центрите за менаџирање да посветат повеќе внимание на кризните региони за хронично болните навремено да бидат снабдени со потребните лекови и сите останати граѓани со основните прехранбени продукти.

Одговарајќи на новинарско прашање, Села рече дека негов впечаток е оти граѓаните ги следат препораките од Владата.

– Она што досега го гледам граѓаните ги следат препораките, а иснтитуциите секогаш може да прават повеќе. Се препорачува хигиена, а од друга страна има информации дека има недостаток во многу аптеки на средства за дезинфекција. Мислам дека треба да се преземат мерки за да овие аптеки бидат снабдени со се што е потребо за да се одржува хигиената на секој граѓанин, рече Села.