СДСМ: Ќе има ревизија за изборот на младински претставник во РИКО

0
997

СДСМ најави дека ќе биде предмет на ревизија направениот избор на младински претставник во Канцеларијата за соработка на млади од Западен Балкан, РИКО.

„Во изборот најдрско се вмеша власта на Никола Груевски, преку фиктивни младински организации и преку Агенцијата за млади и спорт,што е недозволиво. Избраната Бојана Наумовска не може да брани младински интереси во РИКО бидејќи е советник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Р.М. Таа не го исполнува клучниот критериум, односно не е поддржана од ниту една младинска организација. Оваа раководна позиција е многу значајна бидејќи организацијата РИКО одлучува колку средства и за што ќе се слеат кај младинските организации во Македонија. Овие организации се дел од младинскиот активизам против невработеноста на младите и иселувањето, за квалитетно образование и други слични прашања, за што младите луѓе треба и мора да бидат оставени да се борат преку свои легитимни претставници, а не личности блиски до власта“, велат од СДСМ.

Партијата најави дека по 11 декември ќе подлежат на ревизија и сите други контроверзни одлуки што го загрозија младинското организирање.