СДСМ: Црните дупки во меморијата на осомничениот Никола Груевски

0
1275

Реакција на СДСМ на содржината на текстот за Груевски во Утрински весник:

Осомничениот криминалец Никола Груевски во својот осврт на 25-те години независност на Република Македонја има црна дупка во меморијата за последниве 10 години, кога на власт е криминалната фамилија на чело со него. Груевски е во право кога вели дека млад човек кој во 1991 година станал полнолетен, годинава веќе полни 43 години и може да направи споредба каква беше Македонија пред 25 години, каква беше пред 10 години, а каква е сега.

Тој млад човек наполни 33 години кога Груевски дојде на власт, веќе беше зрел и свесен човек кога Груевски и фамилијата дојдоа на власт.

Тој можеше со свои очи да види како Македонија станува регионален лидер во сиромаштија со над половина милион граѓани што живеат под прагот на сиромаштијата.

Тој зрел човек денеска комуницира со многу свои пријатели и роднини преку скајп затоа што се меѓу 400.000 иселени граѓани на Македонија во последното десетолетие.

Тој зрел човек има деца кои исто така планираат среќата да си ја побараат надвор зашто уште од мали нозе се соочуваат со лошите образовни реформи, трауматизирани се со лоши екстерни тестирања, гледаат како нивните родители не можат да врзат крај со крај и сведоци се на безперспективноста за сите освен за булументата околу фамилијата на Груевски.

Тој зрел човек гледаше и се уште гледа како гаснат детски животи поради неодговорноста на власта и самоволието на првиот пајташ на Груевски – Никола Тодоров. Тој знае дека утре неговото внуче може да ја доживее судбината на некое од овие деца. И знае дека здравствениот систем е урнисан од темел.

Тој зрел човек беше сведок на гаснење на гушење на демократијата и газење врз слободата.

Можеше да чуе како власта на Груевски се обидува да сокрие убиство на момче.

Можеше да слушне како се прават изборни криминали. Како се краде изборен материјал, се носат луѓе од Пустец за партиски потреби, како се влечат за уши и се крадат гласови на цели етнички заедници, како се исклучуваат лифтови, се вршат притисоци врз администрацијата, како се рекетираат фирми.

Можеше со свои очи да види исфрлање на пратеници со обезбедување, зaтворање медиуми и новинари. Можеше да чуе како медиумската сфера се претвори во пропагандна машинерија на власта, потплатена со парите од неговите даноци, можеше да чуе како се нарачуваат прилози, како се извртува вистината. Можеше да чуе како власта се пресметува со неистомислениците, како се нарачуваат апсења со пиштол во уста и како се нарачуваат уривања на згради со динамит, палења и ендеци за цели семејства.

Тој зрел човек можеше да слушне како поранешниот премиер Никола Груевски се пазари за провизија за автопат и како милионски суми од неговите пари и од парите што допрва треба да ги враќаат неговите деца и внуци завршуваат во приватните и партиските џебови на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалициска банда.

Тој зрел човек гледа како врти бројчаникот на задолжувањето на Република Македонија и јасно му е дека оваа власт ја води Македонија кон амбис.

Тој зрел човек слушна како се партизираат државните институции, како министерства што тој ги плаќа стануваат партиски штабови, како судии се избираат според партиски тефтерчиња и се уништува судството. Тој гледаше како Македонија од правна држава станува фамилијарен вилает.

Тој зрел човек беше на протестите против обидот на фамилијата преку својот послушник Ѓорге Иванов со аболиција на криминалот да ги врзе очите на правдата и се избори скандалозната аболиција да биде повлечена.

Конечно, тој зрел човек гледа како неговите пари одат по тркала на лудоста, бронза, стиропор и мермер што не е мермер, додека десетици животи се губат поради неколкучасовен дожд. Тој човек гледаше како за криминални мотиви некој се обидува да му го менува идентитетот и да прави карикатура од историјата на неговата земја.

Но, тој зрел човек сега е свесен за својата моќ како граѓанин, свесен е дека Груевски е соголен пред целата јавност и дека е веќе само грда историја на независна Македонија. Тој зрел човек нема да ја пропушти шансата на 11 декември да си ја врати власта во свои раце и да ја врати перспективата за посветла иднина.