СДСМ: По налог на Никола Груевски, Кирил Миноски утрово го започна процесот на издавање на незаконската еврообврзница

0
925

Соопштение на СДСМ:

По налог на Никола Груевски, Кирил Миноски утрово го започна процесот на издавање седумгодишна еврообврзница.

Издавањето на еврообврзница на износ од 650 милиони евра е директно прекршување на Законот за Буџет, Законот за Влада, Договорот од 2 јуни/15 јули 2015 година и Кривичниот законик.

Се додека не се изгласа ребалансот на буџетот ставката приливи од странски заеми е на максимален износ од 370 милиони евра.

Исто така со носењето одлука за ова задолжување на странските пазари директно се кршат членовите 44,45 и 46 од Законот за Влада, како и членот 353 од Кривичниот Законик.

Сите раководни лица во државните институции инволвирани во издавањето на еврообврзицата ќе одговараат. Вклучително и Министерот за правда од редовите на ДУИ, кој согласно Законот за јавен долг дава правно мислење за правната важност на издавање на хартии од вредност на меѓународните финансиски пазари.

Јасно е дека со давањето позитивно мислење и ДУИ е директно одговорен за ова финансиско злосторство. ДУИ уште еднаш потврди дека заедно со ВМРО ДПМНЕ кумува на економскиот колапс на граѓаните и на Р. Македонија.

Го повикуваме гувернерот Богов наместо да се се крие позади официјалната фејсбук страница на НБРМ и од таму да го споделува ставот за потребната фискална консолидација, да излезе јавно да се спротистави.

Како Гувернер во чиј мандат ова ќе биде трето задолжување преку издавање еврообврзица, нека објасни на граѓаните која е според него горната граница на јавниот долг што македонската економија може да си дозволи без потешкотии да го сервисира. Секое поинакво негово однесување го прави соучесник во ова финансиско злосторство тешко 650 милиони евра.

Издавањето на еврообврзница од 650 милиони евра е последниот обид на Никола Груевски за доуништување на македонската економија.

Уште еднаш ги известуваме агентите за издавање на еврообврзницата Сити Груп, Дојче Банк, Ерсте Банк, Сосиете Женерал и потенцијалните инвеститори дека ова задолжување е незаконско и ќе биде предмет на оспорување како законски јавен долг по промената на власта.

Тоа што оваа Влада и Министерот за финансии ги манипулираат дека мандатот на дополнителните заменици министри е само 100 дена пред одржувањето на избори, не ги ослободува од оспорување на законитоста на задолжувањето.

Се надеваме дека нема да дозволат да бидат изманипулирани и посочените финансиски инситуции иако ризикот е сепак нивен.