СДСМ: Партиските послушници во Уставниот суд, Гошева, Јосифовски и Ивановски нема да го спасат Груевски од одговорност за изборните измами

0
1094

„Партиските послушници во Уставниот суд, Елена Гошева, Јован Јосифовски и Никола Ивановски нема да го спасат Никола Груевски од одговорност за изборните измами.

Јавноста дозна за партиската поврзаност на Гошева и Јосифовски со ВМРО-ДПМНЕ.

За братот пак на судијата Ивановски е поднесена кривична пријава пред три години, а се уште не се знае ништо за неа.

Ќерката на претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, Слободанка е директорка за регулатива и големопродажба во Телеком, каде што главен извршен директор е кумашинот на Сашо Мијалков, Жарко Луковски.

Слободанка Гиевска односно Гошева била потпретседателка на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ, УМС.

Сопругот на Слободанка е Игор Гиевски, поранешен претседател на УМС на ВМРО- ДПМНЕ, сега член на Управниот одбор на ЕВН, именуван од владата.

Нејзиниот татко, односно сопругот на Елена Гошевска, Ѓорѓи Гошев, бил поранешен директор на Студентскиот центар, назначен од ВМРО-ДПМНЕ.

Другата ќерка на Елена Гошева, Бојана Гошева, работи во Агенција за електронски комуникации.

Јован Јосифовски и неговото семејство се исто така тесно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.

Од 2006-та до 2011 година Јосифовски бил претседател а и член на Државната изборна комисија предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Како член на ДИК, Јосифовски учествувал во избори што се предмет на кривично-правна истрага за изборни нерегуларности.

За Уставен судија, Јосифовски е предложен од Илија Димовски, односно од ВМРО-ДПМНЕ и во отсуство на пратениците од опозицијата е избран во 2012 година.

Дополнително, синот на судијата Јован Јосифовски, Борис, е генерален секретар во Кабинетот на Ѓорѓе Иванов, од ВМРО-ДПМНЕ.

Срамната одлука на Уставниот суд не може и нема да го заштити Никола Груевски и неговите соработници од изборниот криминал.

На Никола Груевски и злосторничкото здружение коешто го крадело гласот на граѓаните треба да им биде јасно дека ништо не може да ги спаси од одговорност за изборниот криминал.

Секој којшто го прекршил законот ќе одговара“, се вели во соопштението на СДСМ.