СДСМ Охрид: Наместо марина, власта на свои луѓе ќе им гради кафеана на сред езеро

0
1194

Планираните марина во Охрид и планот за градење во Лагадин се злоупотреба на јавни пари заради интереси на луѓе на ВМРО-ДПМНЕ, обвини опозицијата

На последната седница на Советот на општина Охрид, владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, без да ја консултира јавноста, донесе две штетни одлуки за граѓаните на Охрид. Зад одлуката за изградба на така наречената мала марина се крие бизнис интересот на лица блиски до власта. Не станува збор за вистинска марина туку за угостителски објект – кафеана на среде езеро, на најатрактивното место во Охрид, со уредување на паркинг простор за 20 тина пловни објекти. Планот на ВМРО-ДПМНЕ е преку Јавно приватно партнерство овој објект да го добјат луѓе блиски на власта, обвини денеска советничката група на СДСМ, во чие име се обрати координаторот, проф. д-р Јован Стојаноски.

Тој порача дека власта се грижи само за своите интереси, а не за тие на граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се грижи за граѓаните. Знаејќи дека граѓаните се противат на ова раскрчмување на јавниот имот локалната власт не ги прашаа што мислат за изградбата на т.н. мала марина – рече Стојаноски.

Тој како втора многу штетна одлука за граѓаните и јавните пари го посочи планот за градење во Лагадин.

– Истото се однесува и за одлуката за усвојување на План за градење во населбата Лагадин. Овој План пред се отвора терен за изградба на претходно најавената Медитеранска плажа во езерото, против која категорично се сите мештани од оваа населба, за што граѓаните доставија и петиција до Локалната самоуправа.

Очигледно ВМРО-ДПМНЕ упорно ја игнорира оваа граѓанска петиција за да ги заштити своите бизнис интереси.

Ниту експертите не се консултирани. Затоа што изградбата на какви било бетонски објекти во езерото би ја нарушила универзалната вредност на езерото и живиот свет во него и од аспект на УНЕСКО и од аспект на заштитена средина.

Градоначалникот Бакрачески и ВМРО ДПМНЕ покажаа дека работат водејќи се само од личните бизнис интереси и во корист на личности блиски до власта. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ се однесува узурпаторски кон природното богатство, нашиот бисер, Охридското езеро! Oва раскрчмување и распродавање на општинскиот имот мора веднаш да престане – порача Стојаноски.