СДСМ: Комисијата за хартии од вредност да каже на која седница одлучила за еврообврзницата

0
1128

Социјалдемокраскиот сојуз бара Комисијата за хартии од вредност (КХВ) да каже на која седница расправала за еврообврзницата. Во соопштението до јавноста, СДСМ ја прашува Комисијата за хратии од вредност и дали на седница се расправало и за износот на задолжувањето?

Го пренесуваме соопштението во целост:

„Министерството за финансии, во своето соопштение за планираното задолжување од 650 милиони евра истакна дека еврообврзницата се издава согласно Законот за јавен долг во кој се наведува дека државни хартии од вредност во име на државата издава Министерството за финансии врз основа на одлука на Влада во која се утврдува максималниот износ на ново задолжување преку Државната комисија за хартии од вредност.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, г-ѓа Чингаровска, има обврска пред граѓаните да одговори на која седница на Комисијата за хартии од вредност на дневен ред било издавањето на нова еврообврзница?

Дали на истата седница се расправало и за износот на задолжувањето?

Исто така бараме да одговори и какви ингеренции има Комисијата за хартии од вредност по однос на Законот за јавен долг?

Граѓаните мора да ги добијат одговорите на овие прашања затоа што Министерството за финансии тврди дека износот од 650 милиони евра е утврден преку Државната комисија за хартии од вредност.

Граѓаните имаат право да знаат кои институции, покрај Никола Груевски, се одговорни за ова финансиско злосторство“.