СДСМ : Илија Димовски како обвинет во предмет на СЈО не може да одлучува за Јанева

0
1030

На денешната Комисија за избори и именување, на која треба да се донесе заклучок и мислење за разрешувањето на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, членовите на владејачкото мнозинство побараа изземање на пратеникот Илија Димовски, кој претседава со Комисијата.

Димовски е обвинет во случајот „Титаник“ на специјалното јавно обвинителство, па членовите на мнозинството сметаат дека постои конфликт на интереси во однос на одлучувањето за Јанева. Пратеникот Костадин Костадинов рече дека функцијата на Димовски е спротивна на законот за спречување корупција бидејќи е инволвирани во предметот на СЈО.

На барањето на СДСМ, Димовски одговори дека нема да се повлече бидејќи ако се следи таа логика, од Комисијата треба да се повлечат и пратеници од СДСМ за кои исто така има сомневање дека се инволвирани во одредени случаи.

Изземањето во случај кога има конфликт на интереси е наведено и во Кодексот за пратеници, конкретно во член 75, став 1 и 2, во кој се вели:

„Кога службено лице ќе дознае за околности што укажуваат на постоење судир на интереси или на потенцијален судир на интереси, должно е веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување.

„Службеното лице ќе биде изземено од вршењето определено дејство со одлука на органот во кој е избрано или именувано, односно каде што ќе врши функции, јавни овластувања или службени должности и по барање на заинтересирано лице што дознало за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси.

Членовите на Комисијата за избори и именувања со двотретинско мнозинство одлучија седницата да се води зад затворени врати, без јавност, од причина што извештајот за обвинителката Јанева, поднесен од Советот на јавните обвинители, е класифициран.