СДСМ: Иванов ја продлабочи кризата, само целосно повлекување на аболицијата е решение

0
897

Иванов ја продлабочи кризата, само целосно поништување на аболицијата е решение, реагира СДСМ.

„Денешната одлука на лицето Ѓорге Иванов е уште едно, ново кршење на Уставот на Република Македонија, што дополнително ја продлабочува и онака длабоката политичка криза во земјава. Аболицијата мора целосно да се поништи и законот да важи подеднакво за сите. Тоа единствено е возможно преку гласање за автентичното толкување на Законот за помилување во Парламентот, со поддршка на сите партии. Само така и Иванов и Груевски ќе покажат дека се за владеење на правото, почитување на Уставот и законите во Република Македонија и само на тој начин може да дадат придонес кон разрешување на кризата“, се наведува во партиското соопштение.

Денеска, стои подолу во текстот, Иванов повторно реши да ја следи нарачаната, добро осмислена тактика на криминалната власт, предводена од Никола Груевски.

„Иако можеше да ги поништи сите аболиции, што по нарачка на Груевски ги донесе, тој смислено не го направи тоа. Јасно е. Иванов им направи услуга на политичарите од ВМРО-ДПМНЕ коишто не сакаат да се поништи аболицијата за нив. Им отвори Иванов пат да не мора да побараат укинување на аболицијата а сепак правна, вистинска, фактичка разврска да нема поради неуставноста на одлуката.

Само целосното поништување на аболицијата ќе значи дека законот е подеднаков за сите. Законите во Македонија мора да важат за сите. Едно треба да им биде јасно. Никој не е над правдата, над граѓаните, над законот и уставот во Република Македонија. Правдата во Македонија ќе се врати, секој што го прекршил законот ќе одговара. Нема спас за Никола Груевски и неговото друштво“, порачува опозицијата.