СДСМ за капиталните инвестиции: Изведувачот на автопатот Скопје – Блаце започна со работа

0
1033

СДСМ во своето последно соопштение известува дека Владата реализира сериозни инвестиции во капитални инфраструктурни проекти за време на глобална и економска здравствена криза, а од таму меѓудругото додаваат дека изведувачот веќе започнал да работа на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце како дел од коридорот 10.

„Во тек е изградба на 190 километри патна мрежа низ целата држава, во вредност од 800 милиони евра. Автопатот Кичево – Охрид веќе добива засилена динамика, а на автопатот Скопје – Блаце изведувачот на првата делница, веќе е воведен во работа“, вели СДСМ во своето соопштение коментирајќи ги капиталните инвестиции.

Од владеачката партија додаваат дека во тек е рехабилитација на 208 километри патна мрежа во вредност од 42 милиони евра, а како што велат од таму, обезбедени се 70 милиони евра за изградба и реконструкција на улици и локални патишта во општините.

„Истовремено, во тек се 29 проекти за изградба на водоводи и канализации а се подготвуваат уште 14 проекти. Во Пробиштип, Неготино, Виница, Свети Николе и Бутел, во тек е изградба на 506 социјални станови, а наскоро започнува изградба на нови социјални згради во Демир Капија, Гевгелија и Велес. Продолжува и процесот на гасификација, реализирани се 60 отсто од делницата Скопје-Тетово-Гостивар. Оваа делница е со вкупна должина од 86 километри во вредност од 29 милиони евра. Се работи и на правецот Неготино-Кавадарци-Битола, каде се реализирани над 89 отсто на делницата која е во вкупна должина од 92 километри и вредност од 36,4 милиони евра“, се вели во соопштението.