СДСМ: Веднаш да престанат нападите врз новинари

0
886

СДСМ повикува првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ веднаш да престанат да ги шират паниката и стравот од одговорност помеѓу своето членство и активистите.

„Правдата за криминалот што го правеле е неизбежна, но како што лично си ги полнеа џебовите сега треба лично и да одговараат. Паниката што ја шират нема да им донесе ослободување од одговорноста, но може да предизвика инциденти како вчерашниот, кога нивен активист, без никаква причина, нападна новинар на телевизијата Телма пред Министерството за внатрешни работи“, се наведува во соопштението.

СДСМ најостро го осудува нападот врз новинарот на Телма и вели дека интерес на сите граѓани е да ја дознаат вистината и да бидат информирани.

„Тоа е можно само ако новинарите непречено и без никакви закани по нивната безбедност и без притисоци ги извршуваат своите професионаплни задачи. Физичките напади врз новинари и спречувањето на вистината за жал беа една од главните одлики на режимот на Никола Груевски, кој ќе биде поразен на 11 декември. По победата на 11 декември, новинарите ќе може слободно да известуваат и да ја критикуваат работата на институциите. Медиумските слободи ќе бидат вратени, а Македонија никогаш веќе нема да биде оквалификувана како земја со неслободни медиуми од релевантните меѓународни организации“, велат од СДСМ.