СДК: ВЛАДАТА НЕМА ДА ГО ЗАЖИВЕЕ КОМПЛЕКСОТ МАКЕДОНСКО СЕЛО НА ВОДНО КОЈ ПЕТТА ГОДИНА Е ЗАТВОРЕН, А ЧИНИ 6.5 МИЛИОНИ ЕВРА

0
479

Македонско село и натаму зјае празно и затворено за посетители, Владата ниту го споменува ниту работи на негово заживување. (Фото: СДК.МК)
Владата остави да пропаѓа комплексот Македонско село во Горно Нерези, Скопско, на падините на Водно, за кој се потрошени 6,5 милиони евра. Петта година комплекстот е затворен откако концесионерот, фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, престана да работи оти му било неисплатиливо.

Во мај 2020, тогашниот технички премиер Оливер Спасовски презентирајќи го третиот сет економски мерки за справување со коронакризата кажа дека комплексот ќе прерасне во стартап село, ќе се постави брз Интернет, а етно куќите ќе се пренаменат во простор за заедничка работа. Но, оттогаш поминаа речиси три години, а Македонско село и натаму зјае празно и затворено за посетители. Владата ниту го споменува ниту работи на негово заживување.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали Владата има намера да го отвори и заживее комплекстот за кој се потрошени 6,5 милиони евра пари на граѓаните или ќе го остави да пропаѓа, кусо ни беше одговорено дека за ова прашање ќе се разговара во наредниот период.

„Ве информираме дека во наредниот период, Владата ќе расправа за комплексот Македонско село. За заклучоците, јавноста ќе биде информирана“, велат од Владата.
ЗА ДА ЗАЖИВЕЕ ВЕШТАЧКОТО СЕЛО НА ГРУЕВСКИ ВО НЕРЕЗИ ФИРМИТЕ ЗА ПОЧЕТОК НЕМА ДА ПЛАЌААТ КИРИЈА.

Изградбата на Македонско село почна во 2011, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.