Светска банка очекува рецесија во земјава поради кризата со корона вирусот

0
807

Македонската економија се соочува со рецесија и проектиран негативен пораст на бруто домашниот производ во 2020 од -0,4 отсто под претпоставка дека кризата со корона вирусот ќе заврши до крајот на јуни и дека тогаш економијата ќе почне да се враќа во нормален тек, се вели во најновиот извештај на Светската банка „Борба против Ковид-19“.

„Личната потрошувачка се очекува значително да забави во однос на 2019 година, како и пад на извозот и инвестициите. Од друга страна, владината потрошувачка ќе се зголеми во обид да се поттурне економијата и да се амортизира ударот од кризата. Зголемената владина потрошувачка ќе резултира со повисок дефицит и задолжување во период кога условите за финансирање (домашните и надворешните) ќе се заострат“, пишува во извештајот.

Во него, се препорачува дека со ребаланс на буџетот треба да се променат приритетите за трошење. Од Светска банка очекуваат дека веднаш по завршувањето на првичниот удар од кризата, зачленувањето на земјава во НАТО и почетокот на пристапните преговори со ЕУ би требало да го забрзаат опоравувањето во текот на 2021 година.

„Според ова сценарио, порастот во 2021 година се очекува да изнесува 3,1 отсто како резултат на враќање на довербата кај потрошувачите и инвеститорите односно зголемување на личната потрошувачка и приватните инвестиции“, се вели во извештајот.

Од Светска банка потенцираат дека ако кризата со корона вирусот се пролонгира и во вториот дел од годината, економијата може да се најде во подлабока рецесија со негативен пораст поголем од -2 отсто придружена со забрзан пораст на невработеноста и сиромаштијата.

„Тоа ќе бара мобилизирање на посилна фискална и монетарна реакција во однос на 2020 година“, пишува во извештајот.