СВАРОВСКИ СУДИИТЕ НА МИЈАЛКОВ И ОД ТЕФТЕРЧЕТО НА ГОЦА ГО ОБРАА БОСТАНОТ – Заев: Судиите ќе се оценуваат и ќе се проверува нивната имотна состојба, а обвинителите ќе мора да даваат „отчет“ за предметите

0
863

Прочистување на правосудството, борба против корупцијата и лажните вести и заштита на животната средина, се дел од 10-те приоритети од инцијативата за европски стандарди дома наречена „Акција 21“ која денеска пред јавноста ја претстави премиерот Зоран Заев.

На прес-конференцијата во Владата, премиерот порача дека без разлика што Европската унија испрати лош сигнал, земјава останува посветена на европските реформи кои следната година ќе продолжат со посилен интензитет.

– Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во Алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ. Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома, рече Заев.

Тој повтори дека земјава ќе се приклучи кон Европската унија со заштитен македонски идентитет и македонски јазик.

Во делот на прочистувањето на правосудството, Заев рече дека моделот за прочистување е во завршна фаза и оти целиот процес ќе оди постепено и во фази. Секој судија ќе биде оценуван, а ќе се проверува и нивната имотна состојба. Ќе бидат иницирани и законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.

Борбата против корупцијата е вториот приоритет на кој Владата ќе работи следната година. Според премиерот, првите резултати од заложбата на Владата да се искорени корупцијата се разрешувањата на неколку директори на владини агенции и јавни претпријатија, а чекор напред ќе биде и препораката до општините да ја зголемат транспарентноста.

– Секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност. Мора да има ред еднаш засекогаш во институциите, нагласи Заев.

Како приоритет за 2021 година се поставени и постапката за измени на Законот за данок на имот, законските можности за легализирање на автомобилите со странски таблички, како и за можностите за стимулирање и погодности за ставање во функција на кеш парите што се чуваат дома или на парите од заштеда или добивка.

– Врз основа на анализите и показателите, подготвени сме да креираме политики да го поттикнеме интересот на граѓаните да го стават тој „мртов капитал“ во финансискиот промет, односно да инвестираат. Ставањето на парите од така наречениот „мртов капитал“, кој се чува на несигурни места во домашни услови, ќе донесе добивка за граѓаните, раздвижување на финансискиот пазар и нови инвестиции, а како дополнителна придобивка тоа може да значи и нови работни места, рече Заев, најавувајќи дека притоа ќе се води сметка воведувањето на овие политики да не го злоупотребат лица кои поседуваат нелегално стекната готовина или финансиски средства за кои постои основано сомневање дека се стекнати со криминални дејствија.

Во делот на животната средина најавен е засилен ангажман и 100 милиони денари во 2021 година за замена на нееколошките системи за греење, за зголемување на енергетската ефикасност и за обновување на урбаното зеленило. Планот е до 2024 година ниту една државна институција да не користи загадувачки енергенси. Се работи и на закон за формирање на комунална полиција на локално ниво. Дел од приоритетите е да се зголеми и процентот на заштитени природни подрачја.

Во делот на легализацијата на канабисот за медицински цели, Заев се надева дека Парламентот е подготвен да ги усвои измените на Законот за опојни дроги со кои ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели со што од следната година би се очекувале над 250 милиони евра приходи.

– Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лечење со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количини за лична употреба. Бидејќи, точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. До јуни 2021 ќе ја отвориме дебатата, а потоа процесот ќе оди во Собранието. Се разбира, полицијата ќе продолжи со своите силни акции против криминалот и трговијата со дрога, за кои сведочиме секојдневни успеси, за што сакам да му честитам на министерот за внатрешни работи, рече Заев.

Еден од приоритетите во инцијативата „Акција 21“ е и борбата против лажните вести и говорот на омраза, дел за кој премиерот денеска најави засилени активности и консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор.

– Такви тенденции се препознаваат уште сега и со вестите поврзани за вакцината против КОВИД-19 со цел да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата. Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите и на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес, истакна Заев.

За одбраната од сајбер нападите, премиерот посочи дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка со НАТО и оти документот е подготвен за потпишување.

Медиумската писменост, како што најави Заев, ќе стане дел и од образовната реформа со цел младите генерации да бидат силни противници на лажните вести. Покрај ова, во образованието панирано е да се вклучат и содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена.