САШО ОРДАНОВСКИ: Не е спорно кој беше подобар во дуелот, па и малите деца видоа дека Заев го направи мусака Мицковски

0
1820

Не му беше тешко на Заев да се справи со Мицкоски во директниот ТВ дуел. Позициите на Мицкоски се, објективно, послаби по повеќето од клучните прашања од македонската домашна и надворешна политичка агенда. Иницијативата сè уште ја има власта и тоа како резултат на големите ризици што ги превзема лично Заев во спроведувањето на неколку компликувани проекти во изминатите 4-5 години; за разлика од Мицкоски кој не реши ништо, не ризикуваше претерано, а главно одигра погрешно по магистралните правци на македонската современа политика. Мицкоски, всушност, во изминатата година-две не покажа доволна остроумност ни да се приклучи кон успехот на Македонија, иако за тоа имаше повеќе од една прилика, со многу „понадици“ што се носат на болен легнат на постела.

Тоа се рефлектираше и во дебатата. Тонот на „прошетката“ по сите важни дневно-политички и среднорочни проблеми што ја преокупираат македонската политика го диктираше Заев, иако на моменти жестоката дискусија не донесе ништо ново. Мицкоски е „омекнат“ по прашањето на Преспанскиот договор (и нему му е јасно дека е тоа завршена работа, која ќе се сведе на криење на беџовите со името на државата по меѓународните настани на кои ќе го канат), а собра кураж, макар срамежливо, но јавно да се дистанцира од злосторите на 27 април (и покрај сите „ама“, „но“, „сепак“…).

За СЈО, галиба, меѓупартиски договор ќе нема, впечаток е дека прашањето и двете страни повеќе го третираат пропагандно, отколку политички. Дриблањето ќе продолжи во шеснаесетникот на Собранието.

Всушност, оваа дебата претставува пропуштена шанса македонската јавност да биде изненадена со некаква нова, креативна иницијатива којашто би можела да дојде од едната или од другата страна, а која би значела затворање на несогласувањата барем на помало ниво на меѓусебно нетрпение од ова што сега постои.

Можеби е тоа премногу да се очекува непосредно пред избори, кога меѓупартиската конфронтација, а не соработката е на цена, но впечаток е дека и кога би доживеале таков продор во некаква иднина, тоа ќе го стори Заев, а не Мицкоски. Во ВМРО уште не можат да му простат на Заев што така спектакуларно и темелно ги „приземји“ од власт, токму кога мислеа дека и за трето колено се обезбедени со доживотни државни функции и синекури. Такво чувство на лична навреденост имаше кај голем број функционери на СДСМ кога од власт ги симна Љубчо Георгиевски, пред дваесетина години. Тогаш Бранко го потцени Љубчо, како што Грујо и Мијалков го потценија Заев, а Мицкоски продолжува да ја носи таа „шуга“ на себе, како првут на рамена.

За тоа да се надмине се потребни политичко искуство и мудрост кои Мицкоски, за жал, не ги поседува. Затоа полемичните ставови му се ситничави, „сметководителски“ и дневно-политички, оставајќи му простор на Заев – додуша, од комотната позиција на власт – да поентира со повици на заедништво, слога и визионерски идеи за прекрасната иднина на „нашата Северна Македонија“… Иако во ракавот, за секој случај, го чува и деталниот брифинг за имотната и професионалната кариера на Мицко, да му се најде ако визијата дебатно зачкрипи. И му се најде.

Всушност, овој вид на дебати, целите во грч и општа напнатост, не им доволуваат на нашите политичари да го надминат нивото на медиокритетство коешто превладува и во општеството. Во нив недостасува вистински интелектуален натпревар, нема ни обид за духовитост… Има тајмер што го мери времето за реплики и контра-реплики, како тажно потсетување дека е поважно кој кого ќе надзбори, наместо кој кого да надмисли.

На крајот на краиштата, овој пат „победи“ Заев. Но, замислете колку би било подобро на вакви соочувања да нема поразени.

ИЗВОР: ЦИВИЛ МЕДИА