САКАМ ДА КАЖАМ: Рајска градина

0
1087

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Традиционално, улогата на мажот во македонското општество досега беше да ги помрднува шкафовите и тешките работи додека жените чистат по дома. Но, еден господин од Битола ги урна традиционалните предрасуди за улогата на мажите при генерално чистење. Додека загрижени патриотки и љубителки на културно богатство го чистеа со детергент и сунѓери споменикот на Филип Втори, господинот им помагаше сосема во духот на модерното време. Со црево од фонтаната го тушираше таткото на Александар и им ги полнеше кофите со вода на вредните дами.

Во Скопје еманципацијата на мажите уште не е дојдена до тоа дереџе. Скопјанки сами мораа да се мачат, откако спонтано се собраа да ја измијат со „сјај“ и со магични крпи Триумфалната капија. Не се најде маж да им го држи цревото.

Има разлика меѓу битолчанки и скопјанки. Битолчанки постросани се фатија за крпа од скопјанките. И послободоумни. Во Скопје по наредба на партијата пред неколку години жените му го скрија патлакот на Прометеј. А битолчанки без предрасуди му ги изгланцаа мадињата на Филип.

И во право беше онаа битолска конзерваторка кога рече: „Срамно е сами да си ги уништуваме нашите потомци“. Па нормално дека ќе нема потомство, кога му облекоа гаќи на Прометеј.

7 Министерката за култура Бети Канчевска прво објаснуваше дека којзнае какви конзерватори ќе морале да дојдат, па којзнае какви техники и зафати ќе морале да се направат за да се исчисти шаренилото од портата. Којзнае какви анекс-договори ќе направи. И ги обвини шарените револуционери дека биле вандали и уништувале споменици.

Па после, дојдоа домаќинките со детергенти како врвни конзерватори и со магични крпи го триеја скапоцениот споменик на Бети. Арно ама, се покажа дека применувале погрешна реставраторска техника. И дека всушност, тие со сунѓерите, магичните крпи и „сјајчето“ во кофата го оштетиле споменикот повеќе отколку демонстрантите.

И сега што правиме? Ако за сквенрнавење на споменик одговораат тие што го боеле и пишувале графити врз портата, тогаш за сквернавење треба да одговараат и нестручните конзерваторки што со „сјајче“ го уништиле споменикот. Ако воопшто има подеднаква правда за секој во Македонија. А се виде дека има.

И ако воопшто Триумфалната капија ја есапиме за споменик.

Целата колумна прочитајте ја на СДК, на следниот линк ОВДЕ.