Сакам да кажам: Бел ден

0
1173

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски објавена на порталот „Сакам да кажам“:

Што си мислат во ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ? Дека ќе одат на избори на 5 јуни, ќе го укинат Специјалното обвинителство и ќе продолжат сложно и среќно да си владеат? И ние сите ќе ги ресетираме мозоците и ќе се вратиме барем една година наназад. Ќе ги избришеме од меморијата прислушуваните разговори. Немало договори во Пржино, немало извештај на Прибе, Хан воопшто и не доаѓал во Македонија, авиончето не летало за да го носи законот за Специјалниот обвинител на потпис кај претседателот Ѓорге Иванов… Кампањата ќе почне и официјално. На билборди ќе ги гледаме насмеаните ликови на тие што ги слушавме на телефон како викаат „Ние сме лудаци“. Којзнае, може со тој слоган и ќе се рекламираат како носители на пратенички листи.

Сите упорно ја купуваат тезата на ВМРО-ДПМНЕ за датумот за избори. Па дури и Заев се пофали дека СДСМ е спремен за избори на 5 јуни.

А бе, тие можеби се спремни за избори. Ама ние, спремни ли сме?

Спремни ли сме со изборните списоци кои одвај некако се објавија јавно, па повторно се злоупотребија? Не можеш веќе да видиш дали некого ти вселиле во станот за да го пријавиш. Само тој ќе може да си се види и сам да си се пријави. Мртовците се повикуваат сами да се јават во ДИК. Ќе се овозможи специјален термин за повикување духови.

Спремни ли сме, затоа што притисоците врз јавните службеници ќе прекинат оти Владата им отвори телефон каде да пријавуваат притисоци? А кај кого ќе пријавуваат? Кај тие што им вршат притисоци? Па после, ако треба и на суд може да одат. Море кај претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски нека пријават. За да им каже дека пријавуваат под влијание на одредени центри на моќ.

Спремни ли сме за избори со вакви медиуми? Медиумите се спремни. Нашите пари благовремено се легнати на нивна сметка.

И на крај, кога таквите избори ќе ги признае ОБСЕ, баш ме интересира каква фраза ќе смисли во оценката. Дека биле фер и слободни, ама недоволно демократски, со половична кредибилност што предизвикува загриженост. И ќе ги повикаат засегнатите страни во процесот да ги надминат неправилностите. Јухууу…

И како да одиш на избори? Во избирачки список не веруваш. Во суд не веруваш. Во медиуми не веруваш. Не веруваш веќе ни во здрав разум. Таман како за слоганот „Ние сме лудаци. Проверено“.

Целата колумна прочитајте ја на следниот линк ОВДЕ.