Русковска: Во фиоката на починат курир биле најдени преку 1.500 платни налози и мандатни казни

0
800

Во фиоката на курир кој починал, биле откриени преку 1.500 платни налози за прекршоци и за мандатни казни, со што државниот Буџет е оштетен за 20 милиони денари, откри раководителката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во емисијата „Стадион“ на Канал 77, зборувајќи за потребата од прочистување на судството и обвинителството.

-Јас сум за прочистување на судството и на обвинителството, но да се откријат причините зошто застаруваат предмети, зошто имаме постапки по 15 години, кои се причините за тоа. Но, кога зборуваме за обвинителството и судството нам ни треба пошироко прочистување, да се види администрацијата како работи. Пред некој ден од Судски совет добив известување дека починал некој курир и кај него во фиока откриени се преку 1 500 платни налози, за прекршоци, за мандатни казни… и со тоа за 20 милиони денари е оштетен буџетот, и тоа зборувам за еден вработен само, кој знае колку има други вакви случаи. Затоа сметам дека треба да има дополнување на одредени закони, на Законот за кривична постапка, на Кривичен законик , Законот за управните судови, мора некои работи да претрпат измени за да бидеме поефикасни, без разлика за кој суд станува збор, рече Русковска.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека треба да се испитаат сите реалции на еден судија и на еден обвинител и дека треба да се види и улогата на администрацијата и на стручните служби.

-Коруптивното однесување е најчесто организирано, па затоа има вмешани и вработени од администрацијата. Најверојатно за одредена мала парична награда, службеник не вршел достава на платни налози, но не верувам дека службеникот може сам да го прави ова. Обично тоа е заеднички потфат и затоа мора да се реформираме, рече Маричиќ во истата емисија.