„Ровер“ падна на Апелација, притворените излегуваат од затвор

0
1054

Судскиот предмет „Ровер“ за убиството на Марјан Тушевски е повторно вратен од страна на Апелациониот суд, дознава А1он.

Во затворите пристигнала наредба веднаш да се ослободуваат притворените по овој предмет затоа што веќе се поминати две години од одредувањето на мерката притвор.

rover-boskovski-670x320

Ова единствено не важи за екс министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски на кого му останува во затворот во Идризово уште 11 месеци по првата казна затвор за „Кампања“.

Ова е втор пат, Апелациониот суд да го враќа предметот на повторно судење. Апелацискиот суд ја врати пресудата и минатата година, со образложение дека биле направени пропусти во постапката и биле уважени дел од жалбите на адвокатите на обвинетите.

Целиот процес наиде на критики поради повторната употреба на „заштитен сведок“ и беше посочувано дека целта на “Ровер“ е казнување на Љубе Бошкоски.

Поранешниот министер за внатрешни работи, целиот процес го оцени како политичка нарачка за негов линч, а тоа во неколку наврати подоцна го потврди и лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој кажа дека поседува материјали кои докажуваат дека се работи за монтиран процес.

Љубе Бошковски беше осуден на 12 години затвор, зашто според Основниот суд како министер го одобрил убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев од пред 11 години, а потоа не презел ништо за да ги фати убијците. Во повторното судење казната му беше намалена на 10 години затвор.

Бошкоски за останатите обвинети, меѓу кои и има сегашни и поранешни вработени во МВР, рече дека се колатерална штета во процесот, а на судијата му порача дека ќе одговара и ќе му се суди за учество во политички монтиран процес.

Процесот почна кон крајот на 2012 година.

Директните извршители на убиството, Србите Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, како и четвртообвинетиот Вук Вукевиќ, не беа достапни за органите на прогонот, а судот никогаш не одговори дали, како и каде ги барал. Целата приказна за “Ровер“ е нелогично склопена-од тоа дека убијците кога бегале по убиството го оставиле пиштолот да им го чува еден од обвинетите во неговата кафеана, до тоа дека заштитниот сведок не знаеше каде живее Бошкоски, а тврдеше дека бил пред неговата куќа каде му било пренесено за намерите на екс министерот. Заштитениот сведок никогаш не го видел и не го слушнал Љубе Бошкоски да зборува за Марјан Тушевски, туку тоа му било пренесено од Орце Коруновски. Дел од првообвинетите тврдеа дека во перидот кога се случило убиството не ни биле во Македонија, едниот дури издржувал казна затвор во Србија. Судот сепак, на сите им одреди казни затвор, а најголемата на Љубе Бошкоски од 12 години, а потоа од 10 години затвор.