Роби Телекабел : ТВ-гледачите ќе плаќаат 100 денари поскапи сметки заради Владата и националните телевизии

0
1379

Роберт Димитров, сопственикот на Телекабел, во својата денешна реакција на социјалните мрежи ги обвини телевизиите дека заради повеќе пари вршат притисок врз поединци од Владата, која во моментов за да им удоволи подготвува уредба со законска сила операторите кои ги нудат ТВ-пакетите да им плаќаат по 100 денари од претплатник.  Вчера Димитров добил информација дека Уредбата ќе се однесува на формирање некаков Фонд за помош на медиумите, а тој фонд ќе го полнат сите оператори кои ќе бидат задолжени да плаќаат 1 отсто од бруто-приходот. Прогнозира дека тоа ќе значи и поскапи сметки за ТВ-гледачите.

„Јас сум должен да се борам за интересот на компанијата, за своите вработени и корисници, па сакам сите да ја знаете вистината и последиците кои не очекуваат.
Се работи за наметнат проблем од страна на 5-те национални телевизии Сител, Канал5, Телма, Алсат и Алфа кои се трудат на секој начин да дојдат до пари. Па наместо да се концентрираат да работат профитабилно, тие прават притисоци врз претставници од Владата да и обезбедат пари од операторите. Уште пред два месеци почнаа да ги бојкотираат владините прес конференции со уцена да и обезбедат пари. Нормано, тоа никаде не се објавуваше освен на некој портал, бидеќи тие така знаат да работат – подло и по нарачка, а не транспарентно и вистинито како што и е улогата во општеството“, вели Роби Телекабел во својот статус.

Тврди дека под нивен притисок Владата пред да се распушти на последната седница изгласала измена во Законот за медуми со што оператор за да регистрира странски канал мора да обезбеди изјава од управителот на каналот заверена на нотар со која тој под целосна морална и кривична одговорност ќе потпише дека има регулирани авторски права. Според него, техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и собранискиот спикер Талат Џафери за брзо ја увиделе грешката.

„Тоа би значило дека Директорот на Дискавери треба да дојде во Македонија да потпише изјава на нотар?!. И тогаш реагиравме кај Владата дека тоа не е можно да се обезбеди, но во страв од бојкот, Владата под притисок го изгласа фамозниот член. Целта беше да не можеме да ги регистрираме странските канали, а со тоа 5–те телевизии сметаат дека нивната гледаност ќе се зголеми?! Од како ја изгласаа измената на Законот сите оператори се сложивме дека ќе ги исклучиме сите канали и тоа како информација стигна до сите вас. Веднаш потоа Владините претставници увидоа дека направиле сериозна грешка, па по остварените состаноците со г-динот Спасовски, Манчевски и Џафери добивме ветување дека ќе најдат решение како да продолжиме со работа без да ги исклучиме каналите. Набрзо се воведе вонредната состојба и Владата донесе Уредба со која се стопира извршувањето на овој член, и на тој начин имаме можност да ги регистрираме странските канали. До кога, ќе видеме!“, вели Димитров.

Одкако ова не им успеало на националните телевизии, вели тој, тие нашле друг начин како да дојдат до сретства.

„Вчера и Министерот Дамјан Манчевски го потврди тоа на еден медиум, со образложение дека медиумите биле во криза и треба да и се помогне!
Па господине Манчевски, нели ,,режимот,, на Груевски ги помагаше медиумите, а вие на секое јавно појавување потенциравте дека со тоа влијае на јавното мислење? Сега како одеднаш кога сте вие на власт обезбедувањето пари на национални телевизии не е поткуп и не е влијание на јавното мислење? Ако е помош заради пандемијата нека се пријават за добивање финансиска помош како и сите други компании во државата. Како си замислувате да земате од операторите и преку некој си Фонд со кој Владата ќе раководи, да ги делите нашите пари? И се тоа без јавна расправа, без да не повикате за мислење и без транспарентност каква што еден ваков трошок заслужува да има.
Во пандемија и вонредна состојба Уредба може да е оправдана само за здравството, а за давање наши пари на медиуимите, тоа не смеете да го дозволите.
Впрочем сите компании во Македонија се во криза! Зошто не се загриживте за приватните дуќанџии, угостителите, туризмот… Зошто медиумите имаат посебен третман кога и тие се приватни компании?
Ако се успешни ќе работат, ако не нека затворат или нека го продадат бизнисот.Тоа е лично нивна работа“, појаснува Димитров, кој вели дека неговите компании никогаш до сега не побарале помош од државата.

Неговите прогнози велат дека новата давачка ќе продуцира покачување на месечната претплата за гледачите, а за тоа ја критикува и власта дека потклекнала на притисокот, а министерот Манчевски како и министерот за комуникации Роберт Поповски „си нашле нови другарчиња“.

„Не можам а да не ја искоментирам иронијата во нашето општество. Пред да дојдат на власт ги обвинуваа медиумите дека се режимски, слушавме како вестите и се спремаа во Штабот на владеачката партија, како случајно они беа со камера на местата каде се апсеа претежно невини граѓани, како Државата и даваше милјони евра пари иако пари немаше за социјалните случаи и за лекувања за деца… и кога дојдоа на власт наместо да го преиспитаат нивното работење, Министрите Поповски и Манчевски си најдоа нови другарчиња па се чудат како да и угодат и да платат пак од џебот на граѓаните. При тоа не заборавајќи да ги оцрнат Операторите дека пиратираат, дека немаат регулирани авторски права иако знаат дека тоа не е точно бидејќи до сега нема ни една постапка за пиратирање пред суд, а сите наши канали се регистрирани во Агенцијата за медиуми согласно законот“, тврди бизнисменот од Штип кој додава дека Телекабел не е должен да ги финансира националните телевизии кои не знаат како да заработат.

Цаквите „лешинарски“ политики, според Димитров, само ќе ги поттикнува младите уште повеќе да се исселуваат.

„На крај само се чудам, како не ви стана јасно дека милјоните евра не ве прават среќни. Мирот и спокојот, среќните лица на семејството, насмевката на граѓаните немаат цена.
Искрено се надевам дека Владата нема да донесе избрзана одлука како што беше случајот со измените на законот за медиуми, бидејќи лесно е да направиш грешка, тешко е таа да се исправи. Ако така лесно си нанесуваме штети и немири, тогаш која е поентата на нашиот стремеж кон европските вредности? Останете во добро здравје драги пријатели“, завршува неговата реакција.