РЕЖИМОТ Е ВО СЕРИОЗНА ОПАСНОСТ, СУСПЕНДИРАНИ ПАРИТЕ ОД ЕУ : ЕУ ги воведе првите санкции за Македонија, суспендирани 27,1 милион евра од ИПА фондовите

0
1123

Македонија почна да ја плаќа сметката од долготрајната политичка криза. Европската Унија го подготви првиот бран санкции каде во центарот се ИПА фондовите. Алсат-М дознава дека Европската Комисија одлучила да суспендира 27,1 милион евра од ИПА фондовите за Македонија.

Оваа мерка на Брисел како што дознава Алсат, доаѓа како контраодговор на недостигот на политичка волја за спроведување на Договорот од Пржино кој беше постигнат пред една година со посредство на ЕУ. Алсат дознава дека Европската Комисија известувањето за првите санкции им го испратила на властите во земјава на 22 јуни. Владини извори потврдиле дека добиле писмо, но не сакале да го коментираат износот.

Но, освен оваа мерка, Алсат дознава дека бранот санкции се планира и понатаму со кратење на останатите 50 милиони евра од ИПА фондовите. Во меѓувреме, Брисел не го поштеди ниту коридорот 8 како еден од клучните проекти не само за земјава, туку и за целиот Балкан.

Од друга страна освен Брисел, и Вашингтон се чини дека подготвил санкции против службени лица вмешани во евентуална корупција. Во јавноста се зборува дека на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески му била одбиена визата за патување во САД. Но, од американската амбасада во земјава не го коментираа случајот.

Амбасада на САД во Скопје:

„Иако не можеме да ги коментираме личните барања за визи, борбата против корупцијата е еден од клучните приоритети на Владата на САД во Македонија и во целиот свет. Во согласност со претседателската изјава 7750, Стејт Департментот може да им забрани влез во САД на корумпирани функционери. Ние овие одлуки ги донесуваме по разгледувањето на информациите од многу извори…“

Од амбасадата на САД ги повикаа Владата, граѓанското општество и медиумите да продолжат да ги истражуваат имотите на високите функционери и да ги објавуваат доказите за можна корупција.

Вчера евроамбасадорот Аиво Орав, придружуван од амбасадорите на земјите членки на Унијата порача дека Европската Унија е длабоко загрижена поради политичката криза која наместо да се решава, се најде во ќор-сокак.

orav-670x502

– Помина повеќе од еден месец откако Собранието повторно се свика. За жал, не видовме прогрес за решавање на политичката криза во земјата. ЕУ е сериозно згрижена за ситуацијата. Ние сме едногласни во потребата политичките лидерите на земјата да се вклучат во отворен дијалог. Партиите мора да се согласат како понатаму да се имплементира Договорот од Пржино, вклучувајќи го и создавањето услови за веродостојни избори – рече Орав, читајќи ја заедничката изјава на европските амбасадори.

Евроамбасадорот истакна дека во изминатиот период е забележани сериозно кршење на владеењето на правото и порача дека тоа е спротивно на демократските принципи.

– Во изминатите месеци, владеењето на правото се соочуваше со многу предизвици, вклучувајќи го и помилувањето од претседателот на државата. Владеењето на правото е темел за силно демократско општество. Затоа, исто така е важно да се имплементираат реформските приоритети што ги предложи Европската комисија – рече евроамбасадорот.

Орав повтори дека работата на Специјалното јавно обвинителство не смее да се попречува и ги повика властите и институциите да престанат со опструкциите.

– Остануваме загрижени за проблемите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство при својата работа. Ги повикуваме сите тела, особено партиите кои се согласија да се воспостави Специјалното јавно обвинителство, да престанат да го опструираат и да му дадат целосна поддршка. Исто така, сите проблеми со кои се соочува оваа институцијата мора приоритетно да се решат – порача Орав.

Во врска со одлуката на СДСМ да го замрзне своето учество во Собранието, евроамбасадорот рече дека тоа се коси со тенденциите за зајакнување на демократијата.

– Исто така, потсетуваме дека демократијата се зајакнува преку целосно учество во институциите, со што се осигурува нивно демократско функционирање и поголема внатрешна контрола и балансираност. Сите повторуваме дека Договорот од Пржино останува најдобар начин за земјата да излезе од актуелната криза. Веруваме дека во интерес на земјата и на нејзиниот евроатлантски пат е главните политички партии да договорат заеднички начин за излез од кризата во следните денови, а не во следните недели или месеци – рече Орав.