Реалниот кошмар на Фамилијата

0
1778

Пишува: адв. Жарко Стеваноски

До денес сѐ уште не сум бранел обвинет кој не би ја искористил секоја правна можност да се спаси од казната за стореното дело. Ако на тоа се надоврзе законската можност која на обвинетиот му го дава правото да лаже во своја одбрана, тогаш лесно може да се извлече заклучокот за тоа кој е реалниот кошмар на Груевски и фамилијата. Тој отприлика би се одвивал вака:

Ден после изборите, најголемиот дел од судската фела ќе ја искине кожната повеска на тефтерчето и ќе започне да се храни од словото на законот. Законот на Зврлевски ќе стане Закон за јавното обвинителство и ден потоа, мерките за обезбедување присуство на обвинетите ќе започнат правично да се применуваат. Со тоа и оние 99% одобрени барања за определување на мерката притвор ќе започнат да важат во иста мера за сите како спрема оној со ќебапите.

Ден потоа, луксузните лимузини со личен шофер со кој претходно доаѓаа на распит пред судот, ќе ги заменат старите добри комбиња од времето кога на нив со големи букви пишуваше МИЛИЦИЈА, а влегувањето и излегувањето од нив ќе биде проследено со блицовите на новинарската фела, жедна за објективно известување.

Ден потоа, понудата за домашен притвор ќе им стане недостижна рајска дестинација која нема да можат да си ја дозволат за сите пари кои ги имаат. Во замена за тоа ќе ги декорираат влажните ѕидови со тапети од природен пејсаж на кој 24/7 ќе се восхитуваат и ќе размислуваат за сите оние можности кои ги имале и ги испуштиле. Ќе размислуваат за скромноста и за нивната суета.

Неколку месеци потоа, активноста на Агенцијата за управување со одземен имот ќе блесне во полн сјај, преку спроведување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети. Таму, како во катакомба, на куп ќе се соберат сите скапоцени предмети на фамилијата, сметано од братучедите па сѐ до нивните најдалечни посвоеничиња. Меѓу нив ќе биде и скапоцениот „Ролекс“ на Александра Мијалкова и „Мајбах“ очилата на Груевски.

Агенцијата за катастар на недвижности ќе се преоптовари од прибелешки со забрани за отуѓување на имот, сопственост на оваа фамилија, нивната фамилија, нивните пријатели и нивните ортаци. Години потоа, ќе молат кошмарот да заврши. Без оглед на казната, само да заврши, да им се пресуди за да можат спокојно да се преселат во малку попросторни услови, со двор за едночасовна прошетка, со туш, сапун и цимери. Огромен дел од овој народ прострада и како никогаш досега си го бара правото кое природно му припаѓа. Граѓаните не бараат ништо друго освен, еднаш засекогаш, таквите како гореспоменатите РЕАЛНО ДА СИ ЛЕЖАТ.

И ЧЕ СИ ЛЕЖАТ!

Колумната е објавена на порталот Публикум