РЕАКЦИЈА НА ПРИЛЕПСКИТЕ ПРИПАДНИЦИ НА МВР ПО ТЕШКИТЕ ОБВИНЕНИЈА НА ДРАГАН КОВАЧКИ : КОВАЧКИ ДА СЕ ИЗВИНИ, ДОКОЛКУ НЕ ГО СТОРИ ТОА ЌЕ МУ ПОДНЕСЕМЕ КОЛЕКТИВНИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ

0
1490

Полицајците чии имиња беа јавно објавени дека се дел од вибер групата за која , Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови на партиските прес конференции објавува фотографии за кoja тврди дека е составена од полициски службеници од Прилеп, побараа извинување за тие како што велат „клевети за настани кои никогаш не се случиле“.

-Ковачки да се извини, а доколку не го стори тоа ќе му поднесеме кривична пријава, се нагласува во писменото соопштение од полицајците .

Воедно и МВР категорично ги отфрли невистините кои ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”.

-Повторуваме дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи. На денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес–конференцијата. МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму, соопштија од МВР.

Денеска премиерот Зоран Заев во врска со обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со Вибер групи на вработени во полицијата, истакна дека како претседател на Владата, го потврдува тоа што го потврди и Министерството, односно дека нема никакви докази за систем организиран преку МВР. Даден е налог, информира тој, луѓе вработени во МВР, доколку создавале такви групи, внатрешна контрола и сите релевантни служби да го обелоденат тоа комплетно заради тоа што секој може да создаде своја приватна група.

– МВР-ВМРО заврши времето. Ниту некој размислува во тој правец, ниту има потреба од такви работи. Имаме исклучително фер, слободни и демократски избори. Видовме дека не се точни обвинувањата оти се носат црни вреќи во Битола, кога се отвораат црните вреќи гледате количка за детенце, додаде премиерот Заев.

Тој порача дека таквите обвинувањата нема да поминат, затоа што, како што истакна, нема потреба ниту кој било политички субјект, поголем или помал, да размислува во таков правец.

– Победници на изборите сме сите, доколку имаме фер, слободни и демократски избори, додаде Заев