РАФАЕЛ НАДАЛ : ОПЕН ЌЕ БИДЕ ОДЛИЧЕН ТУРНИР СО ИЛИ БЕЗ НОВАК ЃОКОВИЌ

0
856

Два дена пред почетокот на Австралија Опен, прашањето околу настапот на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ на првиот календарски грен – слем останува сè уште отворено.

Коментирајќи ги случувањата поврзани со Ѓоковиќ, шпанскиот тенисер Рафаел Надал изјави денеска дека никој не е над Австралија Опен.

– Во овој случај има многу прашања, кои бараат одговори и се надевам дека наскоро сè ќе се разјасни. Секој го избира својот пат. (На Ѓоковиќ) му се посакувам сè најдобро, го почитувам како личност и спортист, иако не се согласувам со многу работи што ги направи изминатите недели, рече Надал, кој заедно со Ѓоковиќ и Роџер Федерер го држи рекордот со 20 освоени грен – слем турнири.

– Јасно е дека Новак Ѓоковиќ е еден од најдобрите тенисери во историјата, но ниту еден играч во историјата не е и не може да биде над тенисот. Играчите доаѓаат и заминуваат, потоа доаѓаат други, како што тоа е случајот со Роџер, Новак или јас, или, Бјорн Борг, кој беше фантастичен во своето време. Австралија Опен е многу поважен од кој било играч. Доколку Ѓоковиќ настапи, во ред, а ако не, Австралија Опен ќе биде одличен турнир со или без него, додаде Надал.