Расте фронтот против режимот: Вмровци го спасуваат ВМРО ДПМНЕ

0
1145

Расте фронтот против актуелното раководство на владејачката партија. Однадвор, но сега и внатре од редовите на партијата се јавуваат иницијатори за промени во ВМРО ДПМНЕ, пишува Дојче Веле.

Со јавен проглас за спас на ВМРО ДПМНЕ се огласи група иницијатори, како што се нарекуваат – Форум на слободоумни патриоти, кои апелираат за прекин на тоталитаризмот во партијата и враќање кон демократијата и демократските вредности. Главната цел на потписниците на прогласот е промена на, како што велат, тоталитаризмот во партијата, прочистување во врвот и враќање на идеолошките корени на ВМРО ДПМНЕ:

„Идејата на Форумот е демократизација на ВМРО ДПМНЕ, враќање на партијата на основите заради кои е формирана и враќање на партијата на членството, на оние заради кои постои. Иницијативата за Форумот е од пред неколку години, со тоа што активностите се интензивираа во текот на февруари, за во месец јуни и правно да се регистрира како Здружение за унапредување на демократијата. Притоа, веќе неколку месеци работиме на терен за обединување на основачите и ветераните, а се‘ со цел спас на ВМРО ДПМНЕ. Актуелното раководство не само што е лошо за партијата, тие се лоши и за државата со нивниот начин на централистичко раководење, како на партијата, така и на државата. Ваквиот начин на централистичко владеење ја доведе државата до колапс и нагло осиромашување на граѓаните“, вели во изјава за Дојче веле Владимир Змејковски, еден од предводниците на иницијативата.

Освен промена на, како што велат, актуелната врхушка која ја има узурпирано партијата за свои лични цели и лични интереси, во прогласот меѓу другото се бара прекин на тоталитарното раководење на ВМРО ДПМНЕ, враќање на демократијата, итна промена на составот на Извршниот и Централниот комитет на партијата.

Ветераните немаат контакт со раководството

Од Форумот бараат и да прекине злоупотребата на ветераните и основачите на партијата, односно возобновување на Унијата на ветерани како единствено тело кое согласно Статутот на партијата ќе ги застапува основачите и ветераните. „Итно е потребно враќање на интелектуалното крило во партијата“.

Иницијаторите за промени велат дека идејата за овој маневар е од поодамна.

„Пред неколку години со ветераните согласно статутот се обединивме во Унија на ветерани. Од за нас неразбирливи причини актуелното раководство ја укина таа Унија и вон Статутот формираше Совет на ветерани. Од тогаш ние ветераните немаме никаков контакт со раководството, освен поединци кои си тераат лични интереси. Бројот на наши поддржувачи е многу поголем од триесетината потпишани. Тоа е Иницијативен одбор кој ќе биде носител на сите идни активности. Имаме контакти со поединци кои имаат иста цел како нашата, демократизација на ВМРО ДПМНЕ, враќање на идеологијата во партијата и врачање на партијата на членството. Но ако ме прашувате за раководството, не, со нив воопшто немаме контакт“, вели Змејковски.

Дел од неформалната партиска иницијатива што беше најавена уште во февруари, беа и други веќе поранешни членови на ВМРО ДПМНЕ, кои во меѓувреме сепак решија однадвор да се борат за промени во како што велат нивната матична партија. Еден од нив е и универзитетскиот професор Јове Кекеновски кој во меѓувреме стана дел од ФРОДЕМ, Фронтот за демократска Македонија, кој се промовира како ново граѓанско движење. За иницијативата на неговите поранешни сопартијци Кекеновски изразува целосна и недвосмислена поддршка, иако не е преголем оптимист:

„Знаејќи на кој начин функционира ова апсолутистичко фамилијарно партиско раководство не би ме чудело и ова барање поднесено од дел од членовите на Форумот на слободоумни патриоти да биде одбиено или апстрахирано и етикетирано како фракционерско и штетно дејствување и да им послужи на партиските челници како основа за изрекување на одредена дисциплинска мерка. Оттаму, плашејќи се однапред за резултатот на една ваква иницијатива, но имајќи го во предвид и тотално недомократскиот Статут на партијата, потполната узурпираност и окупираност на сите органи и тела на партијата од клиентелистички и сервилни новопристапени членови, секоја иницијатива која не е во интерес на партиската вршука однапред е осудена на неуспех. Токму поради ова јас и голем број на членови на Форумот се обидовме да дејствуваме надвор од партијата во форма на Фронт за демократска Македонија, кој меѓу другите цели ја има и заложбата за ремоделирање на внатрепартиската демократија и враќање на партијата од прегратките на фамилијата во рацете на нејзиното членство“, вели Кекновски.

Останување на ВМРО-вската идеологија

Со членувањето во ФРОДЕМ, Кекеновски и неговите следбеници во Фронтот велат дека не ја напуштиле нивната вмровска идеологија и партиска припадност:

„Напротив, сметаме дека на овој начин ќе дадеме свој придонес кон рушењето на оваа недемократска партиска и државна власт. Со нејзиното заминување од државната власт полесно ќе си заминат и од партиските позиции. Иако патиштата ни се различни, битно е целта на сите нас да биде иста, под услов оваа иницијатива да не е обичен блеф зад кој стои скриена желба уште повеќе да се зајакне позицијата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ кој е во заминување од премиерската позиција“, коментира за Радио Дојче Веле,Кекеновски.

Целиот текст прочитајте го ОВДЕ