РАСКОЛ ВО ДУИ – ЛИМАНИ, ВНУКОТ НА АХМЕТИ КОЈ ОТКАКО ПРЕМИНА ВО АЛИЈАНСА КАЈ БИЛАЛ КАСАМИ : ЗАЕДНО ЌЕ ГИ ПОРАЗИМЕ АЛИ АХМЕТИ И ДУИ

0
986

Фатмир Лимани за Фокус вели дека ќе се залага за обединување на Беса и Алијанса, но не и со Алтернатива, која, според него, има договор со ДУИ за следните избори.

Фатмир Лимани, роднина на лидерот на ДУИ Али Ахмети и независен кандидат за градоначалник на Кичево на последните локални избори, кој денеска премина во Беса, најавува дека ќе се залага за обединување на албанската опозиција во пресрет на следните парламентарни избори, независно дали ќе бидат вонредни или во редовниот термин.

Во изјава за Фокус, Лимани вели дека преговарал за припојување и кон Алијанса за Албанците на Зијадин Села, но наместо со АА, успеал да постигне договор за соработка со Беса на Биљал Касами, каде ќе биде координатор за цела петта изборна единица.

-Преговорите со Алијанса не успеаа поради нивниот локален огранок во Кичево, поради кој всушност не постигнавме договор. Но, успеавме да се договориме со Беса, во чии рамки нема само да делувам само во Кичево, туку и во Струга, Охрид, Битола, Долнени и цела петта изборна единица – вели Лимани.

Кога говори за обединување на албанската опозиција, тој посочува дека мисли на Беса и на Алијанса за Албанците, но не и за новиот владин партнер Алтернатива, бидејќи, според него, партијата на Африм Гаши има договор со ДУИ за да добие 3 пратенички места на заеднички листи на следните избори.

Според него, Беса и Алијанса заедно можaт да ја загрозат ДУИ на изборите и да освојат доволен број на пратеници кој ќе им овозможи да бидат легитимен и стабилен партнер во идната влада, која, како што истакнува Лимани, нема дилеми дека ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ, а Христијан Мицкоски ќе бидат мандатар.

-Ако сме обединети, може да освоиме 12 пратеници најмалку, од кои еден во првата, по 2 во втората и петтата изборна единица, како и најмалку 7 во шестата изборна единица, каде локалната власт во Тетово и Гостивар е во раце на опозицијата. Со 12 пратеници, а може да освоиме и повеќе, дефинитивно влегуваме во идната влада – смета Лимани.

Инаку, Лимани е во роднински врски со Ахмети и со неговиот вујко Фазли Велиу. Тој стана актуелен во јавноста кога лани најави дека ќе се кандидира за градоначалник на Кичево, за да му се спротивстави на долгогодишниот градоначалник и некогашен сопартиец Фатмир Дехари. Дотогаш, беше заменик-директор на АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ.

Како што е познато, во градоначалничката трка во Кичево, Лимани освои над 5 илјади гласа во првиот изборен круг, но не успеа да се пласира во вториот круг, каде влегоа Дехари и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски. Иако Јовановски водеше во првиот круг, а Лимани индиректно ги упати своите поддржувачи кон него, сепак, на крајот Дехари доби уште еден мандат.

Извор : Фокус.МК