РАДОВАНОВИЌ : СОВЕТНИЧКАТА СТЕРЈОВСКА – ЛОКВЕНЕЦ И БРАТОТ НА АНЕ ЛАШКОСКА ВДОМЕНИ ВО ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА

0
1268

Прес конференција на Стефани Радовановиќ  – Портпарол на ОО СДСМ Прилеп

Трендот на вдомување на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивни блиски роднини во општинската администрација и во јавните претпријатија, тече без застој.

Во ЈКП „Водовод и канализација“ во моментов се актуелни огласи за 5 нови работни места. Едното од нив, „Советник за односи со јавност“ е резервирано за координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и заменичка на градоначалникот, Ирена Стерјовска-Локвенец. Да потсетиме, Стерјовска-Локвенец е долгогодишна членка на Советот на општина Прилеп и поранешна директорка на прилепскиот Дом за стари лица, каде за своето работење заработи кривична пријава.

Ако директорот на „Водовод и канализација“ секојдневно се жали на лошата финансиска состојба и на големите трошоци кои ја доведуваат во прашање ликвидноста на претпријатието, тогаш која е потребата од измислување ново работно место? Која е воопшто реалната потреба од вработување лице за односи со јавност, прв пат од постоењето на јавното претпријатие?

По која логика за советник за односи со јавност се вработува лице со завршен Економски факултет, кое нема никаква допирна точка со новото работно место? Конечно, колку пари и работни места и’ се потребни на Ирена Стерјовска-Локвенец, за да конечно каже „Доста е“?

Со решение за вработување на неопределено време, во „Водовод и канализација“ ќе се скраси и Дејан Лашкоски, брат на вечната пратеничка на ДПМНЕ, Ане Лашкоска.

Оние кои подзаборавиле ќе ги потсетиме дека братот на Лашкоска, 5 години беше неизвршен директор во прилепскиот Тутунски Комбинат од каде замина со отпремнина од 17.000 евра, а извесен временски период помина и во Управниот одбор на Јавното претпријатие „Студенчица“.

Но ова не се и единствените функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои другарот на градоначалникот Борче Јовчески, директорот Игор Гулабоски покажа загриженост.

Унапредување со прескокнување на две или повеќе нивоа, а со тоа и повисоки плати за околу 20.000 денари, добија и поранешниот директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Сашо Николоски како и екс пратеничката на ДПМНЕ Катерина Димеска,  а за  правникот Александар Настоски се формира нов сектор за административно-правни работи со повисока плата од 10.000 ден.

Почитувани граѓани,

Ова е уште еден доказ за начинот на кој функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ја практикуваат власта, не грижејќи се за ништо друго освен за обезбедување профит за себе и за своите блиски роднини и пријатели.