ПРОФ. РЕМЕНСКИ ПРЕД ЕДНА ГОДИНА ПРИЈАВИЛА НЕЗАКОНСКО СЛЕДЕЊЕ НА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ И ШПИОНАЖА ДО ЈОВЕВСКИ И АНБ, ТИЕ МОЛЧАТ

0
545

Универзитетската професорка д-р Фросина Ременски изврши заштитено јавно пријавување согласно Законот за заштита на укажувачите заради неуспехот на внатрешното и надворешното пријавување на кривични дела против државата, човековите слободи и права, приватноста на граѓаните и безбедноста на институциите.

-Една од клучните цели на законот за заштита на укажувачите е заштита на сите пријавители на криминал и корупција со цел да се охрабри и оснажни таа борба како влог во демократијата, владеењето на правото и правната држава и многу други вредности.

Се одлучив за заштитено јавно пријавување од причини што станува збор за проблем од висок јавен интерес за сите граѓани и за институциите и од причина што се исполнети сите законски услови за тоа, дури и повеќе од тоа.

Еден од условите е фактот што сомневањата, сите наводи и материјални докази се внатрешно и надворешно пријавени до надлежните инстититуции за постапување, но не само што нема никакво постапување и одговори за тоа што преземе, туку постојат евидентни докази и препознатлива опасност од уништување и прикривање на докази од значење за истрагата по пријавата, како и евидентни штетни дејствија кон мене како пријавител и кон мое блиско лице, рече проф.

Ременски во гостувањето во Слободна ТВ. Според пријавата поднесена на 19.10.2021 година до државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, а претходно на 14.10.2021 пријавена до директорот на АНБ Виктор Димовски и внатрешната контрола на АНБ, пријавени се 9 лица, а истрагата треба да открие дали тој број е поголем.

Ременски во интервјуто на Слободна ТВ објаснува дека од пријавените 9 лица, двајца се поранешни одговорни лица на УБК, а останатите 7 лица се поранешни вработени во Одделот за оперативна техника и операции на УБК позната како Петта управа, од кои во моментот 2-ца се вработени во АНБ, а еден во МВР.

Тројца од пријавените од пријавувањето до денес се во пензија. Пријавени се за кривично дело против државата – Шпионажа, Неовластено прислушкување и тонско снимање, Злоупотребата на службена положба и овластувања, Фалсификување на службени исправи.