ПРОФИТОТ КАЈ АНТИБИОТИЦИТЕ ВО ПАНДЕМИЈАТА ПОРАСНА, НО КАЈ ОСТАНАТОТО ЗАСТАНА, ЗБОРУВА ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР НА „АЛКАЛОИД“ МУКАЕТОВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА СРПСКИОТ „МАГАЗИН БИЗНИС“

0
741

Цената на контејнерите е речиси шесткратно зголемена, па сега наместо 3.000, плаќаме сума од околу 18.000 долари од испорачан контејнер во САД, дава пример Мукаетов

Генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје Живко Мукаетов во интервју за српското списание „Магазин Бизнис“ зборува колку во пандемијата се нарушил синџирот на снабдување, но и што е уште попроблематично за нормалниот производствен курс на компанииите, колку се покачени суровините за лекови.

„Во оваа здравствена криза научивме многу важни лекции и го забрзавме развојот на нови вештини. Ги поттикнавме креативноста и иновативноста во компанијата, како и градењето стратегии што ги налагаат новото време и барањата на пазарот. Ни се чинеше дека најголемиот предизвик на почетокот на пандемијата беше нарушениот синџир на снабдување, кој година и половина подоцна, за жал, е уште полош. Цените на суровините се зголемени, а роковите за испорака се продолжени, така што, на пример, рокот за испорака на алуминиумска фолија сега е осум месеци, додека, пак, пред пандемијата беше три месеци“, наведува Мукаетов во интервјуто, прашан за најголемите предизвици и проблеми во работењето на „Алкалоид“ во услови на пандемија.

Тој вели дека побарувачката на одредени суровини и материјали е многу голема, па добавувачите од ден на ден поставуваат нови и потешки услови.

„Цената на контејнерите е речиси шесткратно зголемена, па сега наместо 3.000, плаќаме сума од околу 18.000 долари од испорачан контејнер во САД, а времето за испорака е двојно подолго. Но, тоа не е случај само во фармацевтската индустрија“, вели овој менаџер.

Според него, нема голема промена на трендовите на раст на добивката кај фармацевтските компании и примерот го дава преку својата.

„Постои една погрешна перцепција дека профитите на фармацевтските компании растат, особено во време на здравствена криза. Порастот на продажбата на производите на ‘Алкалоид’ за 2020/2021 година беше на ниво на просечен раст во последните пет години, иако светските економски трендови укажуваат дека продажбата на лекови на светско ниво годинава е намалена за четири отсто. За време на пандемијата имавме зголемена побарувачка на антибиотици, а целосен застој кај одредени категории лекови кои не лекуваат COVID. Моравме да ги приспособиме нашите планови на потребите на пазарот и беше навистина тешко да се заземе правилен став, имајќи ги предвид сите логистички предизвици. Претходните две години беа многу стресни за целиот систем, но успешно се справивме со големите предизвици. Оваа криза може да биде многу добро училиште за сите нас“, кажа меѓу другото Мукаетов во интервјуто.