ПРОТИВПОЖАРНАТА СЛУЖБА НА РАНКОВЦЕ ДОБИ ТЕЛЕФОН, ЖИТЕЛИТЕ 4 ГОДИНИ ОДЕА ВО СТАНИЦА ДА ПРИЈАВАТ ПОЖАР

0
556

Денеска во Општина Ранковце пожарникарите ги посетил Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија (НСПМ) со претседателот Тони Бошковски и генералениот секретар Боби Вељановски. (Фото: Фејсбук)

Телефонскиот број на Противпожарната единица од Општина Ранковце после четири години од вчера повторно е во функција, и граѓаните може да се јавуваат и да пријават пожари. Досега тоа го правеа преку приватните телефони на пожарникарите, одејќи лично во објектот или преку пријатели и Пожарната во  Крива Паланка.

Општина Ранковце, рурална општина со 4.500 жители, е во североисточниот дел на Македонија, покрај магистралниот пат Куманово и Крива Паланка.

Командирот на противпожарната служба од Ранковце Раде Ивановски вели дека проблемите настанале поради „инает“ на поранешниот градоначалник Ивица Тошевски.

„Ни го исклучи телефонот, не остави без огрев, ни ги изнесе креветите за пасивен одмор, ја укина ноќната смена, останавме на минимална плата. Никако не можевме да најдеме разбирање со него. Мака мачевме околу информирањето за пожарите, не сфаќаше дека во прашање се доведува безбедноста на граѓаните и имотот на Општината“, вели Ивановски.

Тој посочува дека со доаѓањето на новиот градоначалник проблемите полека се решаваат, а противпожарната служба добила интернет и дрва за греење.

„Конечно од вчера, повторно имаме функционална телефонска линија 380-193, а градоначалникот и Општината ни обезбедија и огрев. Повторно се вратени и ноќните смени и работиме според вообичаениот распоред како и сите останати противпожарни служби. Во постапка сме и за нивелирање на платите според законските одредби и во согласност со платите на нашите колеги“, додава командирот Ивановски.

Тој вели дека во претходниот период биле оставени на минимална плата, поради што поднеле и тужби и добиле надоместок во судска постапка. Во процедура е и нова тужба за која се бара решение.

Градоначалникот Борче Спасовски вели дека се обидуваат да ги надминат наталожените проблеми од изминатиот период. Решиле некои проблеми, но главен проблем остануваат тужбените барања од пожарникарите.

„Еве, утринава пристигнаа 7 нови тужби од нив. Ова е голем товар за Општината и ограничените буџетски средства. Би сакале да наидеме на разбирање од нивна страна, да се откажат од тужбите, да видиме како да се регулираат направените трошоци и да свртиме нова страница во работењето“, вели Спасовски.

САКАМДАКАЖАМ пишуваше за проблемот со исклученитев телефони уште во декември 2017, кога тогашниот градоначалник, кој беше независен кандидат, кажа дека се доведени во тешка финансиска состојба од наследените долгови од неговиот предходник, поради што го исклучиле телефонот на пожарната. Тогаш најави дека ќе бара решение на проблемот, но 4 години не го реши.

Извор СДК.MK