Протестите во мирување, Битиќи им вети јавен повик од 1 милион евра на организаторите на настани

0
1153

На барање на организаторите на настани, преку претставници на Асоцијацијата на ивент индустри, денеска се одржа средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и владиниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец. По состанокот од Владата информираа дека ги прифатиле барањата на претставниците на ИВАП и соопштија дека следната недела ќе биде објавен јавниот повик за финансиска поддршка од 1 милион евра за компаниите да можат да реализираат настани од јавен интерес со домашни изведувачи.

-Битиќи и Забрчанец на оваа средба ги презентираа содржината и условите од јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани, преку кој ќе бидат ангажирани исклучиво домашни организатори, изведувачи и подизведувачи за реализација на настани осмислени од апликантите, на теми избрани од компаниите, а со кои се одбележува 30 години независност на Македонија, во периодот јуни – септември 2021, соопштија од Владата.

Претставниците на Ивент индустријата, пак велат дека засега ќе ги стават во мирување протестите и ќе почекаат да биде објавен повикот.

-Ќе видиме дали е постигнат договор и каков договор е постигнат во моментот кога ќе ги видиме резултатите од објавениот повик. Не можеме ништо да кажеме, ниту пак сакаме да обвинуваме или да прејудицираме нешто, ниту имаме право ниту сакаме. Што значи ќе почекаме да го видиме јавниот повик, ќе почекаме да видиме како тоа се ќе изгледа, ќе почекаме да видиме дали навистина е ова помош за нашата индустрија, а потоа ќе одлучиме што ќе правиме, изјави Маја Бабиќ, претседател на ИВАП.

Од Владата велат и дека прифатиле дел од предлозите на Асоцијацијата со тоа што, компаниите со поголема загуба ќе добијат повеќе бодови при оценувањето, а ќе можат да аплицираат сите компании со пад на приход поголем од 30%, а дополнително ги објаснуваат и другите предлози.

-Еден подизведувач нема да може да се најде на повеќе од 7 пријави за предлог-проекти, со цел да се оневозможи монополизација во делот на подизведувачите, спортските настани посветени на „30 години независност” ќе бидат додадени како тип на настани за кои може да се аплицира, ќе се обезбеди авансно плаќање од 30% + 40% пред реализација на настанот, со препорака истото сразмерно да биде распоредено и кај носителите на проектите и кај подизведувачите, за да помогне во ликвидноста на компаниите, една од областите кои ќе се оценуваат, а се однесува на капацитетот на апликантот за организација на настан, да биде број на вработени или број на хонорарно ангажирани лица, за зголемена конкурентност на компаниите, додаваат од Владата.

Сепак, од Владата посочија дека не го прифатиле предлогот кој се однесува на создавање конкурентска предност на одредени компании со одредени шифри на дејност.

-Владата има обврска да обезбеди можности за сите, а не да исклучува, истакнал Битиќи.

Ивент индустријата одржа неколку протести пред Владата каде ги истакнаа загубите со кои се соочува нивниот сектор за време на пандемијата и побараа исполнување на барањата.