ПРИТВОР ЗА БИТОЛЧАНЕЦ КОЈ ЈА НАПАДНАЛ БИВШАТА ЖЕНА ДОДЕКА ШЕТАЛА СО ДЕЦАТА ПРИ ШТО И СЕ ЗАКАНИЛ ДЕКА ЌЕ ЈА УБИЕ ДОКОЛКУ ПОВТОРНО НЕ ЖИВЕАТ ЗАЕДНО

0
367

Постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик е поведена од страна на ОЈО Битола.

-Осомничениот ја загрозил сигурноста на неговата поранешна сопруга, непочитувајќи го решението на Основен суд Битола со кое му била изречена забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство и да контактира со оштетената. На 7 септември, во вечерните часови, додека оштетената се движела со своите малолетни деца, се приближил до неа и ѝ се заканил дека ќе ја убие доколку одбие повторно да живеат заедно. Потоа ја попречувал да замине од местото каде ја пресретнал, ја турнал и од раката ѝ го оттргнал мобилниот телефон, со што кај оштетената предизвикал чувство на страв и вознемиреност, се наведува во соопштението.

Бидејќи во конкретниот случај постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и фактот што осомничениот се јавува како сторител на исти и истородни кривични дела на семејно насилство каде жртва е неговата поранешна сопруга, јавниот обвинител до судот достави предлог за определување притвор за осомничениот. Предлогот на обвинителството беше прифатен, па судијата на претходна постапка при Основниот суд Битола со решение на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.