ПРИЛЕПСКИОТ АДВОКАТ, ЖАРЕ СТЕВАНОСКИ ОД ПРИЛЕПЧАНИ ПОБАРА ПОДДРШКА ЗА НЕЗАВИСНА КАНДИДАТУРА НА СЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

0
1034

Почитувани сограѓани,

Како поранешен приврзаник на генералните политики на СДСМ, одлучив после моето формално заминување од мојата матична партија СДСМ, повеќе да не припаѓам на ниту една политичка партија од нашето политичко поднебје, затоа што во ниту една од нив не гледам потенцијал кој може да ни овозможи реална и искрена европска опшествено-политичка трансформација, најголем дел од партиите кои гравитираат околу ВМРО-ДПМНЕ  и СДСМ, поради немоќта да се спротивстават на монополот на овие две политички партии, а дел поради нивното соучество во креирањето на досегашните политики. Генерално поради поимот политичка партија кој за жал денес е сведен на поимот политички пазар.

Од друга страна, како граѓанин на оваа држава, чувствувам лична одговорност и неприфаќам континуитет на состојбата на рамнодушност кон скоро тридецениското потценување на интелигенцијата на овој народ од страна на двете најголеми политички партии во државата и нивните сателити.

Во таа смисла им благодарам на понудите од неколкуте политички партии да бидам нивниот кандидат за градоначалник на следните локални избори. Верувам дека тие имаат огромен потенцијал и искрена заложба во догледно време да се приклучат кон еден нов начин на водење на политика во државата, каде во изборниот процес ќе настапуваат како независни политички субјекти.

Пред се како граѓански активист, кој силно верува дека нашето општество може да започне со позитивна трансформација единствено само преку граѓанско обединување кое силно ќе му се спротивстави на погубните политики и на двете најголеми политички партии, одлучив на следните локални избори пред Вас да излезам како независен кандидат за градоначалник, со листа на советници кои ќе бидат вистински одраз на потребите на граѓаните и кои беспрекорно можат да одговорат на предизвикот да им служат на граѓаните наспроти теснопартиските интереси кои станаа единствен критериум за личен напредок во опшеството. Ќе бидат личности кои со својата стручност и професионална етика веќе со во дослух со Вашите потреби и во наредните четири години ќе Ви покажат каква координација треба да има еден градоначалник со Советот на локалната самоуправа пред и над се’ во интерес на градот во кој сите живееме.

Од моите довчерашни сопартијци и опонентите од останатите политички партии за време на изборната кампања и на денот на изборите, очекувам достоинствен однос во поглед на мојата кандидатура и почит кон моето и правото на самоопределување на личностите од советничката листа со кои ќе настапам на следните локални избори, а со тоа очекувам истите да покажат почит и кон слободата на избор на своите сограѓани.

Затоа, од Вас граѓаните барам да ми ја дадете можноста на престојните локални избори од позиција градоначалник и активен учесник во работата на Советот на Општина Прилеп преку независна и непартиска советничка листа да ја реализирам нашата заедничка визија за нормално опшество, за тоа како може и како треба да функционира една локална власт, за тоа каква кооперативност треба да има со останатите политички чинители во реализацијата на локалните проекти и за транспарентноста и отчетноста пред Вас граѓаните.

Ви благодарам и Ви посакувам добро здравје, добра мисла и верба во подобро утре.

Фејсбук статус на адвокат Жаре Стеваноски.