ПРЕТСТАВНИЦИ НА ССМ ОСТВАРИЈА СРЕДБА СО ПРАТЕНИЦИ НА ВМРО-ДПМНЕ

0
686

На покана на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска се одржа средба помеѓу претставници на Сојузот на синдикати на Македонија и пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски и Дафина Стојаноска.

Како што инфомираат од ССМ, на средбата се разговарало за предлог-амандманот кој Сојузот го достави до пратеничките групи со цел истите да го достават до Собранието, а со чие усвојување би се утврдиле измените и дополнувањата во Буџетот за 2022 година, односно би се обезбедиле средства за зголемување на основната нето-плата на вработените во органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон.

Согласно порастот на минималецот, од Сојузот во предлог-амандманот бараат и линеарно зголемување на нето-платите за 2 806 денари за вработените во јавниот сектор, односно во образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, армијата, полицијата како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија, од општините или од Градот Скопје.

„Очекуваме сите пратеници да го поддржат амандманот на ССМ кој ќе го достават пратениците од ВМРО – ДПМНЕ поради тоа што соработката претставниците на работниците и претставниците на народот е значајна алка за унапредување на работничките права и во иднина треба да биде пракса за надминување на сите предизвици“, велат од ССМ.

Во текот на денот, како што е соопштено, претставниците на ССМ и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и официјално ќе го достават предлогот до Собранието согласно процедурите.