Претседателката на Македонската банкарска асоцијација: Банкарскиот сектор е во одлична кондиција, Еуростандард Банка е изолиран случај

0
612
Банкарскиот систем е во одлична кондиција. Во изминатите денови не се забележани невообичаени повлекувања на депозити од страна на граѓаните кои би можело да се припишат на настаните поврзани со „Еуростандард банка“.

Ова во изјава за МИА го посочи претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева.

-Кај некои од банките беа забележани определени гужви на шалтерите, но информациите од тие банки покажуваат дека тоа е поврзано со редовни активности за исплата на плати и слични банкарски услуги кои се типични за овој период во месецот. Одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“ нема да има негативен одраз на работењето на останатите банки. Повторуваме дека банките и штедилници се и остануваат сигурни и им порачуваме на македонските граѓани дека може да бидат спокојни и дека ова, како што истакна и гувернерката, е изолиран случај, вели таа.

Нагласува дека членките на Македонската банкарска асоцијација во соработка со институциите ги превземаат сите потребни активности за да им излезат во пресрет на клиентите кои биле корисници на банкарските услуги од „Еуростандард банка“.

-Вработените лица, пензионерите, корисниците на парични права од социјална и детска заштита и лицата кои остваруваат приливи по други основи имаат можност да изберат една од нашите членки преку која во иднина сакаат да ги добиваат приливите на парични средства. Банките и штедилници, членки на МБА, се отворени не само за нудење на депозитните производи туку и за рефинансирање на кредитните производи на клиентите на „Еуростандард банка“, во согласност со нивните деловни политики, додава Стевкова Штериева.