Премиерот Заев се сретна со државниот министер за економија, трговија и индустрија во Владата на Јапонија, Јошихиро Секи: Стабилни економски индикатори и членството во НАТО се силна поткрепа дека вашите инвестиции се добредојдени и сигурни во нашата земја

0
1011

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчера организираше прием и вечера за државниот министер за економија, трговија и индустрија во Владата на Јапонија,Јошихиро Секи кој предводи јапонска бизнис делегација којашто е во тридневна посета на нашата земја.

Премиерот Заев предводеше делегација во состав заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министер за финансии Драган Тевдовски и министерка без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, при што се оствари билатерална средба со јапонската бизнис делегација предводена од државниот министер Секи.

На билатералната средба премиерот Заев истакна дека оваа година со Јапонија навршуваме 25 години од воспоставување на дипломатските релации помеѓу двете земји и во тој правец ја потенцираше одличната билатерална соработка и значењето на поддршката што Јапонија низ годините и ја пружа на нашата земја како еден од најголемите билатерални донатори во повеќе проекти од интерес за нашите граѓани. Премиерот Заев изрази силна поддршка на иницијативата за соработка на Јапонија со земјите од Западен Балкан.

„Економската соработка со Јапонија за нашата земја е многу важна особено што за прв пат имаме бизнис делегација којашто е тридневна посета на нашата земја. Ме радува фактот што нашата земја ја препознавате како стабилна бизнис дестинација и сте тука да ги истражите инвестициските можности. Нашата земја станува сериозна бизнис дестинација за многу странски инвестиции. Минтатата година имавме рекордно високо ниво на странски директни инвестиции од 625 милиони евра, а оваа година во првиот квартал забележуваме раст на БДП од 4.1%. Нашата земја е 10 на Дуинг Бизнис ранг листа на Светската банка. Овие стабилни економски индикатори заедно со нашето членство во НАТО треба да бидат ваша силна поткрепа дека вашите  инвестиции се добредојдени и сигурни во нашата земја“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев и државниот министер Секи уште ги потврдија одличните можности за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји и токму оваа посета на јапонската бизнис делегација на нашата земја којашто се случува за прв пат ја оквалификуваа како значаен чекор кон исполнување на оваа цел.

Претставниците на јапонските компании кои се дел од бизнис делегацијата се интересираа за бизнис условите, за перспекитивте за раст на македонската економија како и за политиките на поддршка на инвестициите и конкурентноста на компаниите.