ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ОДРЖА БРИФИНГ ВЕЧЕРВА СО УРЕДНИЦИТЕ НА МЕДИУМИТЕ ВО КЛУБ НА ПРАТЕНИЦИ, ЕВЕ ГИ ГЛАВНИТЕ ПОЕНТИ

0
1709

Вечерва во траење од речиси три часа, премиерот Заев имаше брифинг со уредниците на поважните медиуми во земјава, значи телевизии, радија, весници и портали од сите табори, провладини и опозициски.

Брифингот се одржа во клубот на пратеници, тема беше преговорите за проблемот со името со Грција, присутни беа околу 30 уредници, за време на средбата беше послужена и вечера, еве ги главните поенти од овој брифинг;

1. Преговорите со Грција од следната недела влегуваат во фото финиш, владата се надева и посакува решение во март, значи за помалку од два месеца!

2. Владата очекува при крајот на преговорите да се вклучи некој тешкаш од меѓународната заедница кој ќе пресече за конечно да се дојде до решение.

3. Владата е сеуште оптимист за решение за проблемот, но малку се изненадени од позициите на грчата опозиција и црква, не очекувале толку радикални ставови по однос на преговорите за нашето име.

4. Владата е задоволно од коректниот однос на опозицијата и претседателот Иванов досега во преговорите. Владата се надева ова така и да остане и да се донесе заеднички став по основ на конечното решение, ако се постигне.

5. Владата размислува референдумот да се одржи но да се пролонгира за понатаму за пред влезот во ЕУ, со цел Грција да не постави нови барања за влез на Македонија во ЕУ.

6. Владата има план Б ако не се постигне решение со Грција оваа година, а тоа е да се почнат преговори со ЕУ и да се почнат имплементацијата на поглавјата за влез во ЕУ и да се продолжи со преговорите со Грција, и да се бара асоцијативно членство во НАТО, но ова сценарио не е посакувано за Македонија

7. Владата мисли дека Ципрас има намера да го реши проблемот, во тоа гледа потенцијален бенефит за Грција и за својата партија Сириза

8. Владата ќе одржи средба со МПЦ од која се очекува да се вклучи конструктивно во процесот на преговорите.

9. На прашање на Мактел, дали опозицијата ја уценува владата за амнестија и аболиција на видни луѓе од ВМРО ДПМНЕ за возврат да биде консруктивна околу преговорите, премиерот изричито изјави: НЕ ДОАЃА ВО ПРЕДВИД КАКВА И ДА БИЛО АМНЕСТИЈА И АБОЛИЦИЈА НА БИЛО КОГО, СЕКОЈ ИМА ДА СИ ОДГОВАРА, но сметам дека нема потреба од притвор за осомничените за 27-ми април, јас сум секогаш против притворот како мерка!

10. ВМРО ДПМНЕ е информирано за преговорите, по средбата со Нимиц, Заев му се јавил на Мицковски преку апликацијата Ватсап и го информирал за разговорот со Нимиц.

11. На средбата во Давос, Ципрас го информирал премиерот за неговите позиции, Заев за нашите позиции, разговарале 2 часа за тоа, Ципрас му раскажал на Заев дека неговите родители се од Кавала и се чувствувале за Македонци од Грција. Но исто така му признал дека во Грција нема Македонски јазик, има само Грчки јазик, со што според премиерот македонскиот јазик практично не е спорен, има само еден македонски јазик, за тоа признал самиот Ципрас. Ципрас го прашал Заев дали се чувствува како славо-македонец, на што премиерот одговорил дека се смета себеси за Македонец.

12. Премиерот раскажа една анегдота на прашање на еден од уредниците, што било толку смешно на почетокот на фото сесијата каде тој и Ципрас се газат од смеење, премиерот раскажа дека со својот тим смислиле трик како да ја опуштат атмосферата на средбата, па Заев ја извадил краватата пред средбата на што Ципрас бил пријатно изненаден затоа што тој никогаш не носи кравата и тоа му е заштитен знак, на ова Заев искоментирал – Еве јас ја направив првата отстапка, сега си ти на ред, на што Ципрас прснал да се смее…

13. Премиерот ги негираше тезите на Коѕијас дека тој и Ципрас направиле некаков договор во Давос, такво нешто нема, само двете страни ги кажале своите позиции и ги објасниле детално.

14. Премиерот објасни дека нема паралелни, подземни или слични канали за преговори со Грција, преговори воопшто и немало досега, преговорите почнуваат идната недела, се што било досега било само запознавање и ставање на почетни позиции.

15. Изјавата на Димитров за црвените линии за македонскиот идентитет на пресот со Нимиц бил претходно договорен потег на Заев и Димитров за да им дадат до знаење на Грците дека македонската влада нема намера да биде потчинета во преговорите и нема да игра на се или ништо, сепак имаме и ние црвени линии, а тоа е идентитетот на народот.

16. Премиерот ги замоли уредниците да бидат внимателни во наредниот период и да не направат некаков потег со кој ќе ги отежнат преговорите, затоа што успешните преговори се од национално значење за државата, премиерот кажа дека со влез во НАТО и со старт за преговори за во ЕУ, земјата ќе има голем финансиски бенефит, ќе има голем интерес на инвеститори, ќе се отворат многу фондови, ќе се случуваат уште поголеми реформи, земјата ќе стане многу убаво место за живеење.

17. Малку надвор од темата, премиерот објави дека во моментов има 4 договорени странски инвестиции, 26 пред финиширање и 50 странски инвестиции кои се во тек на преговарање. Вкупно тоа се 80 странски инвестиции кои се очекува да се случат во 2018-та.

18. Исто надвор од темата, премиерот обзнани дека со ВМРО ДПМНЕ во собрание е постигнат договор за законто за заштитени сведоци со што тој се надева дека ќе се одблокираат законите за кои треба двотретинско мнозинство а се дел од планот 3-6-9 за реформи на патот кон ЕУ.

19. Премиерот обзнани дека во моментов во парламентот имаат подршка од 70 пратеници, што наиде на шокираност кај уредниците.

20. Премирот откри дека Иванов има намера да го покани Ципрас на самитот на лидери од југоисточна и централна Европа кој треба да се одржи во Охрид летово.

21. Премиерот Заев и Ципрас заедно ќе го отворат граничниот премин кај Ресен, Маркова Нога, и потоа заедно ќе го посетат Охрид и Струга, тоа треба да се случи во Јуни.

22. Премиерот кажа дека досегашните преговарачи сеуште се на функција и не се разрешени, само се засилуваат и забрзуваат преговорите со тоа што ги преземаат министрите за надворешни работи преговорите.

23. Нимиц прифатил средби секои две недели, се очекува прва средба овие денови меѓу Нимиц, Димитров и Коѕијас, местото не се знае, веројатно во Брисел…

24. Надвор од темата, премиерот изрази разочараност од сервилноста на судиите и обвинителите, кои претходно му служеле на режимот а сега се тепале да му служат на неговата влада, што нему многу му сметало, му се гадело од тоа… Премиерот изрази зачуденост како ќе успееме да воведеме вистинско судство и обвинителство со ваков расипан човечки материјал, иако иамло поединци кои биле на висината на задачата.

25. За името на аеродромот, премиерот изјави дека се одело решение кое нема да отвори дебати кои ќе донеле нови турбуленции, ако се одело со име Киро Глигоров кое беше предлагано предиодов од некои новинари, ќе се отворела дебата меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ кои имаат различно мислење за него па тоа ќе донело нов раздор кој сега не ни бил потребен.

26. Владата смета дека реалните бројки на митингот во Атина се под 100 000, значи нема ниту 140 000 како што се бројките на грчкото МВР, а па ептен помалку од бројките на самите протестанти кои сметаат дека имало 1 милион луѓе на протестот.

27. Владата смета дека нема потреба да се менува уставот за да се дојде до решение за името.