ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ НЕ БИЛ САМО НА БАЛ И НА УЖИВАЊЕ : Курц му понудил на Заев Австрија да помогне да се изгради новиот клинички центар во Ѓорче вреден пола милијарда евра!!!

0
1669

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчера беше во работна посета на Република Австрија. Во рамки на посетата Премиерот Заев се сретна и со Австрискиот канцелар Себастијан Курц, а беше и негов почесен гостин на Виенскиот Бал.

На средбата „паднала“ и првата понуда од  австриска компанија за изградба на новиот Клинички центар, кој се планира да се гради на локација во Веле поле во Ѓорче Петров.

– Веќе добивме една конкретна понуда којашто дома ќе ја разгледаме, за австриска компанија и нејзин влез во инвестициите на Клиничкиот центар, преку евтино финансирање од страна на Австрија, со дополнителен грант, којшто ќе ги намали севкупните трошоци за инвестирање во самиот Клинички центар.

Деталите ќе ги добиеме написмено и дома ќе ги разгледаме за да може да се исконсултираме со опозицијата, со стручните луѓе, со експертите. Верувам дека тоа ќе даде можност за брза постапка за самата реализација на Клиничкиот центар – изјави Премиерот Заев по завршување на работната посета на Република Австрија.

Тој претходно рече дека во целиот овој период, од самостојноста на Северна Македонија, Австрија важи за една од нашите најголеми поддржувачи.

– Имам посебна чест да бидам присутен во Виена на покана на Канцеларот на Република Австрија, господинот Себастијан Курц и да бидам негов специјален гостин по повод одржувањето на познатиот Виенски опера бал, кадешто ќе имаме прекрасна можност да запознаеме важни луѓе од целиот свет кои се гости на познатиот бал.

Искористивме прилика да се видиме со Канцеларот Курц, кој важи за голем пријател на целиот Балкан, но и нашата Република Северна Македонија и кој ја поддржува интеграцијата на државата и во Европската Унија па дури и во НАТО иако Австрија не е земја членка на НАТО. Секако, поддршките што последниве години доаѓаа се важни, од поддршката за Преспанскиот договор до реформите дома и сега за она што се случува во делот на економијата бидејќи на еден начин поврзани сме со компании од Австрија. Разговаравме и за економска соработка, зошто за нас сега тоа е многу значајно – рече Заев.

Тој додаде дека разговарале за Чебрен и Галиште, и за можности да се спојат големи енергетски компании од Австрија како потенцијални партнери во изведбата на овој грандиозен проект којшто е проектиран на околу 800 милиони евра.

– Разговаравме за соработка за нови странски инвестиции коишто би дошле директно од Австрија, но и за компании коишто се со мешовит, австријски и друг, капитал, за да може да инвестираат во нашата земја. Но разговаравме и за целата оваа поддршка којашто треба да се случи во периодот пред јуни, за нашето добивање датум за преговори, отпочнувањето на преговорите за поглавјата со Европската Унија. Канцеларот Курц е многу упатен човек. Ги знае сите детали и даде прекрасни пријателски сугестии за овие последни месеци, кои чекори да ги направиме, затоа што тој верува дека Европската Унија треба да се проширува, а Република Северна Македонија е одличен пример за тоа како го има направено и политички после договорите со Бугарија и со Грција, но и во делот на успешноста на реформите – изјави Заев, кој верува дека „ќе успееме заради тоа што ова е веќе втората стратешка цел на нашата земја, а тоа е да отпочнеме преговори и да ги отвориме поглавјата со ЕУ“.

Заев нагласи:

– Присуството на овој величенствен настан,  за кој би рекол дека е еден од најважните културни настани за Австрија и е од европски и светски карактер и да се биде специјален гостин на покана на Канцеларот Курц за мене претставува голема чест. Верувам дека ќе понесеме позитивни искуства од овој познат Виенски опера бал.