Премиерот Заев: Во набавката на вакцини се чувствува недостаток во сите земји, имаме нарачано 2.350.000 вакцини од повеќе производители

0
1221

„Ние не сме одбиле вакцини, туку баравме повеќе дополнителни официјални информации за вакцините, затоа што во септември минатата година сѐ уште траеше тестирањето на „Спутник В“. Одлуките ги носиме согласно нашите стратешки интереси. Одевме комплетно согласно европските закони и како земја-членка на НАТО, но подоцна се постигна согласност дека приоритет е јавното здравје и дека ќе се бараат вакцини и од други земји“, изјави премиерот Заев во Дневникот на ТВ Сител во врска со набавката на вакцини додавајќи дека речиси во сите земји и во Западен Балкан, освен во Србија, има недостаток на вакцини.

Тој повтори дека Владата се обидела на различни начини да обезбеди поголеми количини вакцини за граѓаните на Република Северна Македонија.

„Ако е проценката за еден милион граѓани да се вакцинираат во државата, тоа значи 2.000.000 вакцини, во моментот имаме платено 2.350.000 вакцини заедно со оние 800.000 нарачани од „Фајзер“, 800.000 нарачани по „Ковакс механизмот“, 200.000 имаме од Кина, 200.000 од „Спутник В“, имаме дополнително од ЕУ некои 250.000, сите кога ќе ги соберете доаѓаат 2.350.000 и очекуваме наскоро да пристигнат“, повтори премиерот Заев, кој нагласи дека КОВИД кризата која трае повеќе од една година ја научи државата да дејствува во поглед на ублажување на последиците во поглед на економијата и обезбедувањето сигурен живот на граѓаните.

Премиерот Заев истакна дека со Грција и Бугарија Владата има одлични односи и дека во поглед на ветувањата овие држави ќе помогнат со вакцини, единствената причина што тоа не е сторено е тоа што добиле само 12 проценти од ветеното и немаат доволно количество за вакцинација ниту за своите народи.