Премиерот Заев во „Ист Гејт Мол“: Најголемиот трговски центар во регионот ќе донесе светски брендови и нови вработувања

0
618

„Ист Гејт Мол“ ќе прерасне во модерен трговски центар од новата генерација кој ќе го претставува светот на едно место. Со својата големина од 160.000 м2 површина, разновидност и содржини, Скопје го има најголемиот трговски центар во регионот. Горди сме што „Ист Гејт Мол“ носи реномирани трговски марки во нашата земја: 250 локални и меѓународни брендови. Тоа значи отворање на голем број на работни места, што е и наша заложба да креираме поволен деловен амбиент за добро платени работни места и привлекување нови инвеститори. Градежништвото развива 70 дејности и поддејности и претставува економска гранка која силно учествува во БДП, во создавање работни места со квалитетни плати за граѓаните. Сите што донесоа одлука да се спротивстават на пандемијата со инвестиции посебно во градежништвото, убеден сум дека направија одличен избор кој ќе им врати успех“, изјави премиерот Зоран Заев на денешната посета на „Ист Гејт Мол“ во Скопје каде со засилена динамика се одвиваат градежните активности за официјално отворање оваа есен.

Премиерот Заев заедно со заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за економија Крешник Бектеши и менаџментот на „Скопје Ист Гејт”  направија обиколка на локацијата и се информираа за инвестициските активности до финална реализација на проектот.

„Скопје Ист Гејт инвестира и во услови на пандемија. Севкупната значајна инвестиција изнесува над 350 милиони евра за нашата земја. Комплексот развива бруто површина од 500.000 м2, во кои покрај трговскиот центар се содржани 10 станбени и 5 деловни згради. Она што дава позитивен сигнал за инвеститорите кои сакаат својот капитал да го вложат во регионот е извештајот на почитуваната американска фондација „Херитиџ“ за 2021 година кој беше објавен минатата недела.

Економијата на Северна Македонија, според степенот на економски слободи, е најдобро рангирана во регионот и е на 46-то место во светот, пред Словенија, Србија, Косово, Хрватска и Босна и Херцеговина. За уште подобри економски резултати посветено работиме на реформа на судството и јавниот сектор, справување со корупцијата и креирање на поволен економски амбиент.

Владата како никогаш досега го поддржува стопанството. Заклучно со 5-ти март од бескаматната кредитна линија со грант компонента ,,Ковид 3”, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, се исплатени 23,5 милиони евра за 2.053 корисници. Поточно, исплатени скоро 97% од корисниците на кои им се одобрени кредитните барања за оваа линија. Стопанството е поддржано и со низа други мерки. Донесени се 5 пакети економски мерки за задржување на ликвидноста и поддршка за сите сектори. Позитивен сигнал во услови на пандемија е и континуираниот раст на просечната плата, која за декември 2020 година изнесува 28.294 денари, поточно со солидна годишна стапка на раст од 5,4%“, изјави премиерот и додаде дека планот на Владата е јасно зацртан и заеднички со сите чинители во општеството, стратешки се работи на просперитетен и стабилен економски развој на среден и долг рок.

Игор Давков, извршен директор на „Скопје Ист Гејт“ истакна дека „Ист Гејт Мол“, е ,,Новото срце на градот Скопје” кој за само неколку месеци, ќе биде најатрактивната дестинација.

„Видливо е дека трговскиот центар е во последна градежна фаза. По готовата и затворена карабина како и завршените машински и електрични системски инсталации,  започнати се занаетчиските активности и останува да се доработи внатрешниот ентериер. Ист Гејт Мол ќе се простира на 5 нивоа и ќе располага со 57.000 м2 вкупна површина за изнајмување. Со објект од вакви димензии, Скопје добива најголем мол во регионот кој ќе биде новото место за излегување, забавување и шопинг. Припаѓа на таканаречените „центри-дестинација” заради тоа што нуди повеќе содржини на едно место: широк избор на мода и уникатни брендови, услуги, игротека, 8 кино сали,7 фини ресторани, оддел за брза храна со 800 места, хипер маркет, салони за мебел и бела техника, и ќе биде единствен мол со опкружување од зелени паркови кои чинат површина од 12,000 м2. Воедно со проектот се развиваат инфраструктурни добра како нови улици, нови приоди кон автопатот, осветлување, зелени појаси и паркови“, истакна Давков.

„Ист Гејт Мол“ носи реномирани трговски марки во нашата земја: 250 локални и меѓународни брендови. Шпанскиот моден гигант „Индитекс“, со брендовите „Зара“, „Зара Хом“, „Масимо Дути“, „Ојшо“, „Страдивариус“, „Бершка“, „Пул анд Бер“, како и полската модна групација „Ел пи пи“ со брендовите „Ризрвд“, „Мохито“, „Хаус“, „Синсеј“ и „Кроп“, се само дел од брендовите кои доаѓаат, а следат и трговски марки од други западно-европски земји.