30 дена притвор доби директорот на неврохирургија, Александар Чапаровски, кој е осомничен за барање и примање поткуп од пациент. Обвинителството отвори истрага по пријавата, а по пронајдените докази, побара од судот да му изрече притвор.
По распитот кој траеше речиси 2 часа, директорот Чапаровски го напушти судот со лисици и беше спроведен во истражниот затвор во Шутка. Претходно тој речиси цел ден беше лишен од слобода во полициската станица Беко, пред да биде изнесен кај судија на претходна постапка, кој му ја изрече мерката притвор.
Неговиот адвокат, најави дека ќе ја почека официјалната одлука на судот, по што ќе ја обжали мерката притвор. Во тој случај, Кривичниот совет ќе треба да се произнесе 24 часа по поднесување на жалбата.
Чапаровски, вчера беше на информативен разговор во полициска станица. Според извори од клиниката, тој бил спроведен со полициски возила, а по неколку часа бил вратен на своето работно место.