ПО ОБЈАВАТА НА ,,ФОКУС” АНТИКОРУПЦИСКА ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА СЕКРЕТАРОТ НА АРСОВСКА

0
1779

„Фокус“ пред една недела објави дека Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој во моментот е советник во скопската општина Чаир, истовремено е именуван и за секретар на Град Скопје од актуелната градоначалничка Данела Арсовска во периодот кога таа стапува на функција.

Тој како секретар е назначен 18 декември, 2021 година месец ипол по седнувањето на Арсовска во гхрадоначалничката фотеља.

Според документите со кои располагаме, во случајот постои конфликт на интереси, што е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде се тврди дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција, која ја врши со други функции.

По објавата на „Фокус“, експресно регираа и од Антикорупциска комисија каде ни потврдија дека веќе оформиле предмет.

„Во врска со вашето прашање упатено до Државната комисија за спречување на корупцијата, ве известуваме дека во Државната комисија е оформен предмет по поднесена пријава со наводи дека лицето Ѓоко Велковски, покрај тоа што е избрано за член на Советот на општина Чаир истовремено е избрано за Генерален секретар на Град Скопје.

Предметот, согласно Деловникот за работа на Државната комисија, е распореден за работа на член на Државната комисија и постапувањето по истиот е во тек, се наведува во одговорот од антикорупционерите.

Уште пред да го објавиме текстот испративме прашања и до Град Скопје, од каде после неколку денови добивме повратни одговори. Од таму тврдат дека нема судир на интереси.

„Согласно Законот за Административни службеници член 23 Секретар на Град Скопје по ниво А3 е класифициран како највисок административен службеник. Од таму ве известуваме дека не постои судир на интереси како што е наведено. Не постои неспоивост на функциите секретар на Град Скопје и советник во Општина Чаир“, пишува во одговорот од Град Скопје.

Во понатамошниот дел од одговорот има појаснување и ни го доставуваат Законот за Административни службеници:
Член 8
(1) Функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собраниетo) и Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата).
(2) Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и градот Скопје.
(3) Функцијата пратеник и градоначалник е неспојлива со:
– извршување на стручни и управни работи во органите на државната управа,
– извршување на стопанска или друга профитна дејност и
– членување во управни одбори на јавни претпријатија, јавни установи, фондови, агенции, заводи и во други правни лица, како и со изборот на претставник на државниот и општествен капитал во трговските друштва.
(4) Функцијата градоначалник на градот Скопје и функцијата член на Советот на градот Скопје е неспојлива со функцијата градоначалник на општина и функцијата член на советот на општинатa на подрачјето на градот Скопје.
(5) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник, член на совет и градоначалник на носителите на функциите од ставовите (1) и (2) на овој член, функцијата им престанува.
(6) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник и градоначалник на лицата од ставот (3) алинеја 1 на овој член, работниот однос им мирува.
(7) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник и градоначалник на лицата од ставот (3) алинеи 2 и 3 на овој член, работниот однос во стопанската или друга профитна дејност им мирува, а членувањето во управни одбори на јавни претпријатија, јавни установи, фондови, агенции, заводи и во други правни лица, како и претставник на државниот и општествен капитал во трговските друштва им престанува.
(8) Со денот на верификацијата на мандатот на член на совет на лицата вработени во општинската администрација на општината и администрацијата на градот Скопје, работниот однос им мирува во согласност со закон.
За овој случај регираа и од владејачката партија, од каде побараа Велковски да си поднесе оставка, но со реакција се јавија и опозиционерите тврдејќи дека ако досега за СДСМ имало нешто спорно, тие веднаш ќе го „решеле“.