Почна странскиот притисок за специјален обвинител

0
971

Преговорите за специјалниот обвинител влегуваат во фаза на вршење притисок. На последниот состанок во петокот, посредникот Питер Ван Хојт им рекол на претставниците на партиите дека го менува форматот на разговорите. Нема веќе да има групни состаноци и дискусии, туку ќе почне индивидуални состаноци, односно со секоја работна група одвоено. Засега не се знае дали притисокот за попуштање и отстапување од одредени барања ќе биде насочен кон сите учесници или кон една партија. Во петокот работните групи се разделиле со спротивставени ставови, објави Телма.

11787364_1479468552368251_635089416_n1-540x405

ВМРО-ДПМНЕ бара прашањето со специјалниот обвинител да се реши така што ќе се именува еден обвинител со таква функција, а опозицијата смета дека тоа треба да биде посебно обвинителство, со заменици и потребната стручна екипа. СДСМ очекува договор за законот најдоцна неколку дена пред 15 септември за тој да може да влезе во собраниска процедура пред крајниот рок, а во следните денови партиите да се договорат за името на специјалниот обвинител, и потоа на 15-ти пратениците да гласаат и за законот и да ја именуваат и личноста на функцијата. Од опозицијата се оптимисти, бидејќи, како што велат, веруваат дека странците како гарантори на договорот за излез од кризата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да одолговлекува и ова прашање да не се затвори до 15 септември.

Во меѓувреме, додека се очекуваат промените во правосудството, актуелниот систем ги процеуира случаите произлезени од прислушувањето. Адвокатот на премиерот го пишува одговорот на жалбите на обвинителството. За Телма Додевски изјави дека не знае дали ќе го поднесе во судот до крајот на денов или до среда кога истекува предвидениот рок. Од кривичниот суд потврдуваат дека го чекаат одговорот од адвокатот на премиерот и заедно со жалбите целиот случај веднаш ќе го проследат до апелацискиот суд. Апелација нема рок за колку време треба да донесе одлука дали да дозволи или не снимените разговори да се користат во судските процеси, но од судот тврдат дека одлуката ќе ја донесат брзо – за неколку дена.