ПОТРЕБЕН Е КОВИД СЕРТИФИКАТ ЗА СИТЕ КАФЕАНИ И КАФУЛИЊА БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ ИМА ПОД ИЛИ НАД 3О ГОСТИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

0
942

За сите угостителски објекти и за организација на сите настани, едукации, културни случувања, без разлика дали имаат под 30 или над 30 гости, задолжително е да се приложи ковид сертификат, повтори денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Владата вчера донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

  • сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-КоВ-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19 или
  • сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе луѓе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

„Единствена разлика е во тоа што, ако има над 30 гости, објектот треба да има редарска служба која ќе ги проверува сертификатите. За тоа кој ќе биде редар, тоа е веќе техничко прашање во надлежност на угостителите и трговските центри. Контрола ќе вршат инспектори од Државниот пазарен инспекторат“, појасни Филипче на новинарски прашања на одбележувањето на 18 август, Денот на Армијата.
Извор : СДК.МК