ПОПОСКИ : СРАМНА ПРОСЛАВА НА 11 ОКТОМВРИ И КИТЕЊЕ СО ТУЃИ ПРОЕКТИ – КУЛМИНАЦИЈА НА НЕСПОСОБНОСТА НА БОРЧЕ ЈОВЧЕСКИ

0
634

Прес конференција на Филип Попоски, портпарол на ОО СДСМ Прилеп.

Почитувани,

Има ли крај на понижувањата кои Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им ги испорачуваат на граѓаните на Прилеп?

Има ли останато барем малку достоинство и самопочит кај локалните функционери на ДПМНЕ, чиј лидер ги третира како обични марионети?

Мораше ли асистентот на својот татко да ги потцени прилепчани токму на Денот на народното востание – 11 Октомври?

Среде градот херој, Мицкоски, односно ,,шпицниот градоначалник” изјави дека следната година во Прилеп ќе се случувала „градежна офанзива“, зборувајќи притоа за изградба на улици, патишта, обиколници, влезови во градот и разни други небулози.

Да се каже такво нешто во присуство на „исчезнатиот“ градоначалник Борче Јовчески, кого не го бидува да изгради една улица од 100 метра и кој за една година седење во градоначалничката фотелја ја врати општината 10 години назад, е жив срам и резил.

Фрапантни се лагите кои во стилот на неговиот партиски шеф, вчера, без око да му трепне, ги искажа Јовчески.

Немајќи со што да се пофали, проектот „Реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во местото викано ‘Пашоски ливади’ до собирна шахта во КО Прилеп“, започнат во времето на претходната локална власт на СДСМ и финансиран од Владата со средства од ТАВ програмата, Јовчески го претстави како свој капитален проект!

Реализацијата на овој проект започна во јули минатата година и согласно предвидената динамика, градежните работи требаше да бидат завршени во рок од 6 месеци, односно на почетокот на 2022 година.

Впрочем, ако Борче лажи – фотографиите не лажат.

Зошто проектот сеуште не е готов, е прашањето чиј одговор Јовчески им го должи на прилепчани. Исто како што е должен да објасни зошто не може да ги реализира ниту другите проекти за кои Владата на СДСМ одамна обезбеди средства: реконструкција на улицата „Леце Котески“ и изградба на системот за водоснабдување на манастирот Трескавец.

Почитувани граѓани,

Она коешто никако не смее да се премолчи е скандалозната прослава на 11 Октомври, во организација на прилепската локална самоуправа и градоначалникот Борче Јовчески.

Дали само поради неспособноста на Јовчески, или и заради негаторскиот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон народноослободителната војна, одбележувањето на еден од најсветлите датуми во нашата историја, Денот на народното востание на македонскиот народ, се претвори во фијаско!

Заради сето тоа, не постои никаква дилема дека Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ се најголемата елементарна непогода која го погодила Прилеп.

Ви благодарам.