ПОМПЕО НИ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ : Вие испративте војска која се бореше рамо до рамо со американските сили во Авганистан, тоа нема да ви го заборавиме никогаш!

0
1227

Премиерот Зоран Заев оствари средба како домаќин на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, при неговата европска турнеја со Македонија како дестинација помеѓу посетите на Црна Гора и Грција. Шефот на македонската Влада му вети на високиот функционер од Вашингтон дека земјата за пет години ќе биде подготвена како членка на НАТО да издвојува два проценти од националниот Бруто домашен производ за потребите на армијата.

Помпео напомена дека во моментов САД има 61 дипломат и 250 вработени во дипломатското претставништво во Скопје

„Вие испративте војска која се бореше рамо до рамо со американските сили во Авганистан. Исто така сакам да го поздравам и Преспанскиот договор кој ги зближи двата соседни народи, а исто така ја поздравуваме и спогодбата за добри врски со Бугарија. Ја поттикнуваме и борбата против сите кои ја имаат злоупотребено јавната доверба и посегнале по корупција. Економската слобода треба да ја движи вашата земја напред, а не руските ботови. Северна Македонија го разбира овој дух на просперитет и добрососедство и САД ќе продолжи да бидат ваши партнери за доброта на граѓаните, регионот и на светот“, наведе Помпео, кој наедно напомена дека се сомнева во технологијата и инсфраструктурните проекти што ги нуди Кина на овие простори

Претходно тој оствари средба и со претседателот Стево Пендаровски, кој во Охрид рече дека посетата на државниот секретар на САД е, во исклучително важен период за нашата земја и потврда за пријателството засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија.

„САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакна Претседателот.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

„Северна Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30-та членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во Европската унија“, рече претседателот Пендаровски.