Полициски синдикат: Баравме од Чулев награда од 25 000, а тој самостојно излезе со барање за потценувачки 15 000 денари

0
734

Македонскиот полициски синдикат утрово излезе со реакција околу барањата за награда на полицајците за учеството во борбата против ковид-19 и тврди дека во повеќе наврати досега барале од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на сите вработени во МВР да им се исплати награда во висина од најмалку една просечна плата или 25 000 денари.

„Министерството не го прифати нашето барање, при што нелогично за нас, самостојно излезе со барање до Владата на Република Северна Македонија за донесување уредба со законска сила според која на секој вработен во МВР да му се исплати награда во висина од 15 000 денари“,

велат од синдикатот.

Ваквата реакција следува откако министерот Чулев најави дека има подготвено предлог-уредба, а министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека такво барање не било дел од барањата за ребалансот на буџетот пред неколку дена.

Синдикатот сега бара од Чулев да најде начин за да се наградат полицајците, а сумата од 15 000 денари за нив е потценувачка.

„За нас, како единствен репрезентативен синдикат на полицијата, сумата од 15 000 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме под итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25 000 денари“,

велат од Македонскиот полициски синдикат.